Кокаинот ја преплавува Европа: Барселона бележи шокантен раст од 185%, аларм во десетици градови

Највисоки концентрации на кокаински остатоци се измерени во шпанскиот град Леида, белгискиот Антверпен и холандскиот Амстердам

Европа се соочува со нов бран на употреба на кокаин, покажуваат најновите податоци од анализата на отпадните води во 128 градови низ континентот. Истражувањето на Европската агенција за дроги (EUDA) открива дека во повеќе од половина од анализираните градови е регистриран пораст на траги од кокаин, што укажува на зголемена потрошувачка на една од најраспространетите нелегални дроги во Европа.

Највисоки концентрации на кокаински остатоци се измерени во шпанскиот град Леида, белгискиот Антверпен и холандскиот Амстердам. Особено загрижувачки е растот во Шпанија, каде Барселона бележи скок од дури 185 проценти во споредба со претходниот период. Според податоците, Леида има највисока измерена концентрација со 1.405 милиграми на 1.000 жители, веднаш пред Антверпен со 1.382 милиграми. Меѓу градовите со највисоки вредности се и Гранада, Амстердам, Брисел, Лиеж и Сантијаго де Компостела.

Анализата покажува дека кокаинот останува најприсутен во западна и јужна Европа, особено во Шпанија, Белгија и Холандија. Истовремено, експертите предупредуваат дека се забележуваат први знаци на раст и во делови од источна Европа, каде досега употребата била значително помала. Покрај високите концентрации, податоците откриваат и драматични зголемувања во неколку градови. Барселона е лидер со раст од 185 проценти, додека Леида бележи зголемување од 125 проценти. Значителен пораст е регистриран и во Сантијаго де Компостела, како и во словенечките градови Велење, Домжале и Камник.

Европската агенција за дроги наведува дека во 48 од 85 градови за кои постојат споредливи податоци е забележан пораст на кокаинските остатоци во отпадните води. Само 16 градови пријавиле намалување. Истовремено, статистиката за заплени покажува дека Шпанија останува главна влезна точка за кокаинот во Европа. Во текот на 2024 година таму биле запленети рекордни 124 тони кокаин, додека Франција била втора со 53,5 тони.

Експертите нагласуваат дека анализата на отпадните води не може прецизно да покаже колку лица користат дрога, но претставува една од најсигурните методи за следење на трендовите. Токму затоа резултатите се сметаат за сериозен сигнал за здравствените и безбедносните институции низ Европа, кои предупредуваат дека континентот влегува во период на зголемена достапност и употреба на кокаин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс