ЕВРОПА НА УДАР: Топлотните бранови ги празнат реките, гасот поскапе, а зимата носи нов ризик

Европа се соочува со опасна комбинација од екстремни горештини, ниски водостоји и раст на цените на природниот гас, што може сериозно да ја погоди економијата и да отвори нова енергетска криза во текот на зимата. Според проценките на холандската банка Триодос, екстремно топлото лето би можело европската економија да ја чини дури 180 милијарди евра, односно околу 1 процент од БДП – приближно колку што се очекува да биде и вкупниот економски раст на ЕУ.

Последиците веќе се чувствуваат во повеќе сектори. Екстремните температури го нарушуваат земјоделството, енергетиката и транспортот, додека намалената продуктивност создава дополнителни економски загуби. Според европската климатска агенција Коперникус, Западна Европа ги имала најтоплите јуни и јули досега.

Реките пресушуваат, индустријата трпи

Еден од најголемите проблеми се ниските водостоји на европските реки. Нивото на Дунав значително опаднало, додека рекордно нискиот водостој на Рајна претставува сериозен проблем за Германија. Рајна е клучна транспортна артерија за индустриски стоки, меѓу кои челик и хемикалии.

Економистите на ING проценуваат дека ниското ниво на Рајна би можело да го намали германскиот БДП за 0,3 процентни поени оваа година. Германскиот хемиски гигант BASF веќе предупреди дека нискиот водостој го отежнува снабдувањето со дел од клучните суровини и дека за транспорт се префрлаат на камиони и железница.

Гасот речиси двојно поскап

Во исто време, Европа се обидува да ги наполни резервите на гас пред зимата. Складиштата за гас во ЕУ во вторникот биле наполнети околу 59 проценти, што е значително под просекот за овој период од годината. Цената на европскиот референтен договор за природен гас во средата достигнала 61 евро за мегават-час, во споредба со 32 евра во истиот период минатата година.

Дополнителен притисок создава зголемената потрошувачка на струја за климатизација во текот на жешкото лето – токму во периодот кога Европа треба да ги полни складиштата за зимата.

И Ормутскиот теснец е проблем

Ситуацијата дополнително ја комплицира кризата на Блискиот Исток. Ормутскиот теснец останува практично затворен, што го ограничува пристапот до значителен дел од светскиот течен природен гас (LNG). Аналитичарите предупредуваат дека дел од преостанатите пратки би можеле да завршат во Азија наместо во Европа, бидејќи азиските купувачи се подготвени да платат повисока цена.

Европската комисија проценува дека земјите-членки до 2050 година ќе треба да инвестираат околу 70 милијарди евра годишно за адаптација кон климатските промени. Така, екстремните горештини веќе не се само климатски проблем – тие стануваат економски, енергетски и инфраструктурен ризик за Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс