Безос купи околу третина од Ливерпул, британска пратеничка: „Згрозена сум“

Конзорциум во кој учествува фонд со Џеф Безос како главен инвеститор купува околу 30 отсто од Ливерпул. Британската пратеничка Зара Султана остро реагираше.

Британската пратеничка Зара Султана остро реагираше на влегувањето на конзорциум поврзан со Џеф Безос во сопственичката структура на Ливерпул. Реакцијата следува откако Fenway Sports Group (FSG) договори продажба на значителен малцински удел во англискиот фудбалски клуб на конзорциумот 1892 Holdings.

„Згрозена сум од веста дека конзорциумот на Џеф Безос купил приближно една третина од Liverpool Football Club“, напиша Султана на X.

Таа го критикуваше односот на Amazon кон синдикатите и работничките права и порача дека Ливерпул не смее да стане „само уште еден имот во портфолиото на милијардер“.

Безос е главен инвеститор во еден од фондовите

Ливерпул претходно официјално објави дека FSG постигнал конечен договор за продажба на малцински удел на 1892 Holdings, конзорциум предводен од поранешниот челник на Queens Park Rangers, Амит Батија.

Во конзорциумот учествуваат Батија и фондациите на семејството Митал, инвестициската компанија EE Capital на семејството на Елејн и Едуардо Саверин, како и K5 Sports.

Џеф Безос е главен инвеститор во K5 Sports.

Тоа значи дека Безос не го купува уделот во Ливерпул директно и самостојно, туку е поврзан со трансакцијата преку фондот кој е дел од конзорциумот.

FSG и по завршувањето на трансакцијата ќе го задржи мнозинскиот удел и оперативната контрола врз клубот.

Уделот наводно вреди околу 1,65 милијарди фунти

Ливерпул официјално не го објави точниот процент на продадени акции ниту вредноста на трансакцијата.

Според Guardian, станува збор за околу 30 проценти од клубот за 1,65 милијарди фунти, односно приближно 1,93 милијарди евра. Таквата цена би значела дека вкупната вредност на Ливерпул се проценува на околу 6,4 милијарди евра.

Reuters, исто така, наведува дека се продава приближно една третина од клубот и дека вредноста на трансакцијата надминува 1,5 милијарди фунти.

Договорот сè уште треба да ги добие потребните регулаторни одобренија.

Безос нема да биде член на управата на Ливерпул. Амит Батија би требало да стане нов потпретседател на клубот, додека во управата треба да влезат Елејн Саверин од EE Capital и Брајан Баум од K5 Sports.

Султана го спомена и Проектот Nimbus

Дел од критиките на британската пратеничка се однесуваа и на Проектот Nimbus, договор на Amazon и Google со израелската влада вреден околу 1,2 милијарди долари.

Со договорот компаниите обезбедуваат cloud услуги и технолошка инфраструктура за израелските државни институции.

Проектот со години е предмет на протести на дел од вработените во двете компании поради загриженост за можна воена употреба на технологијата. Google претходно тврдеше дека договорот не е наменет за чувствителни воени, разузнавачки или системи за вооружување.

Султана ја поврза вклученоста на Amazon во проектот со израелското дејствување во Газа и го постави прашањето дали ваквата инвестиција е во согласност со идентитетот на Ливерпул и традицијата на солидарност во градот.

„Ливерпул е повеќе од бизнис, тој е заедница“, порача таа, повикувајќи ги навивачите да се спротивстават на трансакцијата.

Реагираа и навивачите на Ливерпул

Реакции пристигнаа и од Spirit of Shankly, официјално признатото здружение на навивачи на Ливерпул.

Здружението побарало од клубот дополнителни информации за новите инвеститори, нивното потенцијално влијание и проверките што биле направени пред нивното влегување во сопственичката структура.

Навивачите се обратиле и до британскиот Независен регулатор за фудбал и најавиле дека ќе побараат појаснување за проверките низ кои новите инвеститори ќе треба да поминат во Премиер лигата.

Од FSG, пак, тврдат дека новите инвеститори ја споделуваат долгорочната филозофија на актуелните сопственици. Претседателот на FSG, Мајк Гордон, порача дека нивното деловно и технолошко искуство ќе ги надополни постојните темели на клубот, додека Батија влегувањето во Ливерпул го нарече „огромна привилегија“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс