Еверест не е највисоката точка на Земјата: Оваа планина е подалеку од центарот на планетата

Иако Еверест останува највисоката планина над морското ниво, научниците објаснуваат зошто вулкан во Еквадор ја носи титулата за најоддалечена точка од центарот на Земјата.

Мон Еверест со децении важи за највисоката планина на светот, но научниците посочуваат дека одговорот на прашањето „која е највисоката точка на Земјата?“ зависи од тоа како се мери висината. Доколку се земе предвид висината над морското ниво, рекордер останува Монт Еверест со официјална височина од 8.848,86 метри, потврдена од Непал и Кина во 2020 година.

Сепак, ако се мери оддалеченоста од центарот на Земјата, титулата му припаѓа на Чимборасо, неактивен вулкан во Еквадор чиј врв се наоѓа на околу 6.268 метри надморска височина.Причината лежи во обликот на Земјата. Нашата планета не е совршена сфера, туку е благо сплескана на половите и испакната околу екваторот поради својата ротација. Масата на екваторот се движи побрзо и со текот на милијарди години создала карактеристично испакнување.

Бидејќи Чимборасо се наоѓа многу блиску до екваторот, неговиот врв започнува од дел од Земјата кој веќе е природно „подигнат“. Како резултат на тоа, врвот на Чимборасо е повеќе од два километри подалеку од центарот на Земјата отколку врвот на Еверест.

Ова не значи дека учебниците грешат кога го нарекуваат Еверест највисока планина. Едноставно, различните методи на мерење даваат различни резултати. Според надморската височина победува Еверест, а според оддалеченоста од центарот на Земјата – Чимборасо. Постои и трето мерење, од основата до врвот на планината. Во тој случај рекордер е Мауна Кеа, огромен вулкан на Хаваите чиј најголем дел се наоѓа под морската површина. Од неговата база на океанското дно до врвот се издига повеќе од 10.210 метри, што го прави повисок од Еверест според оваа методологија. Поради својата уникатна положба, Чимборасо често се нарекува и „точката на Земјата најблиску до вселената“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс