Евакуација во тетовските училишта по дојава за бомба – наставата привремено прекината

Повеќе училишта во Тетово беа евакуирани по дојава за бомба. Наставата е прекината додека полицијата врши проверки и ги следи безбедносните мерки.

Наставата во повеќе основни и средни училишта во Тетово денеска беше привремено прекината откако била добиена дојава за бомба. Учениците и наставниот кадар беа евакуирани, а полициски службеници извршија проверки на објектите, информираат надлежните.

Според информациите, евакуацијата ги опфати средните училишта СОУ „Никола Штејн“, гимназијата „7 Март“, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“, како и основните училишта „Истикбал“, „Кирил и Методиј“, „Братство-Мигени“, „Гоце Делчев“, „Беса“ и „Прпарими“. За состојбата информираше Валидин Адеми од Одделението за образование при Секторот за јавни дејности.

За разлика од претходните случаи, денешната дојава била доставена директно до Секторот за внатрешни работи, а не преку електронските адреси на училиштата. Од институциите посочуваат дека се преземаат сите неопходни мерки за безбедност и дека ситуацијата се следи во координација со полицијата.

Наставниот процес ќе продолжи откако ќе биде потврдено дека безбедносните услови се целосно исполнети. Во изминатиот период во Тетово имаше повеќе слични дојави, а пред три дена наставата беше прекината и во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни