Берлин и Париз туркаат европско единство: ЕУ бара заеднички одговор на новите царини на Трамп

Германија и Франција инсистираат на заеднички став на ЕУ по новите американски царини. Мерц најавува европска позиција пред средбата со Доналд Трамп во Вашингтон.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека ќе инсистира на координирана европска позиција за новите американски царини пред неговата претстојна средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон. Според него, трговската политика е надлежност на Европската Унија и бара заеднички пристап, а не индивидуални реакции на земјите-членки.

„Ќе имаме многу јасна европска позиција, бидејќи царинската политика е прашање на ЕУ, а не на поединечни држави. Во Вашингтон ќе одам со заеднички европски став“, изјави Мерц за германската телевизија АДР.

Изјавата доаѓа откако Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се воведуваат нови „глобални“ царини. Мерката, која треба да стапи на сила на 24 февруари и ќе важи 150 дена, предвидува основна царина од 10 проценти, а подоцна беше најавено и зголемување на 15 проценти. Исклучоци се предвидени за фармацевтски производи и за трговијата регулирана со договорот меѓу САД, Мексико и Канада.

Трамп ја донесе одлуката по пресуда на Врховниот суд на САД, со која беше утврдено дека претседателот ги надминал своите овластувања кога прогласил економска вонредна состојба за да ги оправда претходните царини. Мерц оцени дека одлуката е сигнал дека институционалната рамнотежа во САД и натаму функционира.

Во меѓувреме, Франција исто така повика на единствен европски пристап. Францускиот министер за надворешна трговија Николас Форизје изјави дека Европската Унија мора да реагира координирано за да ја заштити својата економија и пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс