ЕУ усогласи став за нови Биотех акт: промени во правилата за ГМО и трансплантација на органи

Министрите за здравство на ЕУ постигнаа заеднички став за Биотех актот со кој се менуваат правилата за генетски модифицирани микроорганизми и трансплантација на органи со цел поголема иновација и помал административен товар.

Министрите за здравство на земјите членки на Европската Унија постигнаа заеднички став за новата регулатива поврзана со Биотех актот, со која се менуваат правилата за генетски модифицирани микроорганизми (GMM) и процедурите за трансплантација и обработка на органи.

Според договорот постигнат на 16 јуни, новата директива има за цел да ја олесни примената на биотехнолошките иновации, да ги намали административните бариери и да ја зајакне прекуграничната соработка во областа на трансплантацијата на органи. ЕУ со ова се обидува да ја намали разликата со водечките светски сили во биотехнологијата, како што се САД и Кина.

„Од донесувањето на претходните директиви, биотехнологијата значително напредна. Ажурирањето на законодавството не е само логична последица, туку и етичка обврска“, изјави кипарскиот министер за здравство Неофитос Чараламбидес.

Во рамките на компромисот, земјите членки направија измени во предлогот на Европската комисија. Меѓу нив се замената на терминот „низок ризик GMM“ со „GMM подобни за забрзана процедура“, ограничување на важноста на одобренијата за ставање на пазар на максимум 10 години, како и прецизирање на условите за обработка на лични податоци во случаи од јавен интерес.

Дополнително, државите членки добија и подолг рок за усогласување со новите правила за трансплантација на органи од 24 на 36 месеци.

Иако најголем дел од земјите го поддржаа договорот, дебатата ја отвори и вообичаената дилема во ЕУ: како да се поттикне иновацијата без да се ослабат безбедносните и етичките стандарди. Земјите инсистираа на заштита на личните податоци, зачувување на националните системи за трансплантација и строги етички правила. Со постигнатиот договор меѓу земјите членки, следната фаза е започнување на преговори со Европскиот парламент. Директивата ќе продолжи да се разработува во комитетите за здравство (SANT) и животна средина (ENVI), каде известувачи се Адам Јарубас и Марта Темидо.

Кипарското претседателство најави дека во понатамошните преговори ќе биде земено предвид и мислењето на Европскиот надзорник за заштита на податоци, кое пристигна на крајот од мај. По Кипар, процесот ќе го преземе Ирска, која ќе ја води следната фаза од преговорите меѓу Советот и Европскиот парламент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс