ЕУ го чешла преземањето на Warner Bros. од Paramount поради странски субвенции

Европската комисија проверува дали финансиската поддршка од државни фондови од Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар може да ја наруши конкуренцијата на европскиот пазар.

Европската комисија започна проверка на планираното преземање на компанијата Warner Bros. Discovery од страна на американската медиумска група Paramount Skydance, трансакција вредна околу 110 милијарди долари, според денеска објавената документација на ЕУ.

Комисијата до 14 јули треба да одлучи дали ќе ја одобри трансакцијата или ќе отвори подетална истрага, која би можела да трае дополнителни 90 работни дена, пренесе „Ројтерс“.

Предложеното преземање е финансиски поддржано од државни инвестициски фондови од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар. Токму поради тоа, договорот се разгледува според правилата на ЕУ за странски субвенции, чија цел е да се спречи можноста странска државна поддршка да ја наруши пазарната конкуренција.

Покрај оваа проверка, трансакцијата е предмет и на одвоена антимонополска анализа на Европската комисија.

Според претходни информации од извори запознаени со постапката, токму истрагата за конкуренцијата би можела да биде поголем предизвик за компаниите. Можно е регулаторите да побараат одредени отстапки, меѓу кои и продажба на дел од детските телевизиски канали.

Британската Управа за конкуренција и пазари оваа недела формално ја започна постапката за разгледување на трансакцијата, додека во САД се водат одвоени регулаторни проверки и се разгледуваат можни правни предизвици на ниво на сојузни држави.

Paramount Skydance на крајот на февруари постигна договор за купување на Warner Bros. Discovery, во една од најголемите трансакции во историјата на медиумската индустрија.

Со спојувањето би се создала компанија со силно присуство во филмската продукција, телевизиските мрежи и стриминг-сервисите, меѓу кои HBO Max и Paramount Plus. Токму тоа предизвика загриженост кај дел од индустријата поради можно намалување на конкуренцијата и ризик од загуба на работни места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс