ЕУ призна проблеми со новиот систем за влез ЕЕС: Патниците чекаат и до пет часа на границите

Европската комисија призна дека новиот дигитален систем за влез и излез од ЕУ има технички проблеми. Патниците на некои гранични премини и аеродроми чекаат и до пет часа.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека новиот дигитален систем за регистрација на влез и излез од Европската Унија (EES) се соочува со технички проблеми, по бројните поплаки за повеќечасовни чекања на граничните премини и аеродромите. Говорејќи на прес-конференција во Корк, таа изјави дека Европската комисија работи заедно со земјите членки за да се отстранат потешкотиите во функционирањето на системот.

„Работиме со земјите членки за да ги решиме техничките проблеми“, изјави Фон дер Лајен.

Чекање и до пет часа

Проблемите особено се изразени во екот на летната туристичка сезона. Аеродромите и авиокомпаниите предупредуваат дека новиот систем, кој бара од патниците од земјите надвор од ЕУ при првиот влез да остават биометриски податоци, предизвикува долги редици, доцнења на летови и пропуштени преседнувања.

Претставниците на европските аеродроми и авиопревозници наведуваат дека во периодите на најголем метеж патниците чекаат и до пет часа на граничните контроли. Поради тоа побараа од Европската комисија да им овозможи на државите членки привремено да ја суспендираат примената на системот во текот на јули и август.

Како функционира системот EES?

Новиот систем за влез и излез (EES) при првиот влез во ЕУ од државјани на земји што не се членки на Унијата, како што се Обединето Кралство и Соединетите Американски Држави, бара земање отпечатоци од прсти и фотографирање на лицето. Целта е печатите во пасошите да се заменат со дигитална евиденција, што треба да овозможи полесно откривање на лица кои го пречекориле дозволениот престој или користат фалсификувани патни исправи.

Сепак, на дел од големите аеродроми граничните служби сè уште рачно ги внесуваат податоците, додека апликации за побрза регистрација досега воведоа само Шведска и Португалија. Поради големите гужви, некои аеродроми и пристаништа привремено престанаа да собираат биометриски податоци за да го забрзаат протокот на патници.

И покрај проблемите, Европската комисија нагласува дека системот ја подобрува безбедноста. Според ирскиот министер за внатрешни работи Џим О’Калаган, од воведувањето на EES низ системот поминале речиси 110 милиони патници, а биле идентификувани околу 1.000 лица кои претставувале безбедносен ризик за Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс