ЕУ подготвува ново правило: Новите членки без право на вето до 15 години по приемот

Европската комесарка Марта Кос најави можност новите членки на ЕУ привремено да останат без право на вето во клучни области како надворешната политика, безбедноста и буџетот.

Европската Унија размислува за воведување нови заштитни механизми со кои идните земји-членки би можеле привремено да останат без право на вето во одредени клучни области, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос. Според Кос, новите пристапни договори ќе содржат дополнителни клаузули што ќе обезбедат земјите да продолжат да ги почитуваат европските стандарди и по влезот во Унијата. Можните ограничувања би можеле да траат пет, десет, па дури и петнаесет години по приемот.

„Ова ќе биде нова генерација на пристапни договори, со нови заштитни механизми“, изјави Кос, додавајќи дека целта е да се спречи идните членки да ја блокираат способноста на ЕУ да носи одлуки во чувствителни области како безбедноста, надворешната политика и буџетот. Таа нагласи дека предложените мерки не значат создавање членки од „втор ред“, туку дека полноправното членство ќе остане возможно само по исполнување на сите критериуми за пристапување.

Најавата доаѓа во момент кога Украина и Молдавија официјално ги отвораат пристапните преговори со Европската Унија. Истовремено, Франција, Германија, Холандија, Белгија и Луксембург бараат воведување дополнителни гаранции со кои би се спречило новите членки да ја загрозат способноста на Унијата ефикасно да функционира.Предлогот би можел да има значење и за земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, кои се на патот кон членство во Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс