ЕУ бара Косово веднаш да го запре рушењето на викендиците на Срби

Делегацијата на ЕУ во Косово изрази загриженост поради непочитување на правните процедури и судските постапки што веќе ги покренаа сопствениците.
Фото: YouTube/Kosovo Online

Европската унија ги повика косовските власти веднаш да ги запрат сите активности за рушење на објектите околу езерото Газивода на северот од Косово. Реакцијата следува откако приштинското претпријатие „Ибар-Лепенац“, со асистенција на полицијата, започна да ги урива куќите на локалните Срби. Од Мисијата на ЕУ во Приштина предупредуваат дека акцијата се спроведува додека траат судските постапки и бараат целосно почитување на сопственичките и човековите права.

Вработени на јавното претпријатие „Ибар-Лепенац“, придружувани од силни полициски сили, започнаа со уривање на објектите на брегот на езерото Газивода. Од ЕУ нагласуваат дека ова се случува во момент кога погодените жители веќе имаат покренато судски постапки во рамки на предвидениот рок од 15 дена од добивањето на известувањата за напуштање на земјиштето.

Европската унија изрази сериозна загриженост поради зачестениот недостаток на соодветна правна процедура во неколку случаи на северот на Косово од февруари годинава. Од Брисел бараат сите неповратни мерки на извршување веднаш да се сопрат додека соодветно не се адресираат прашањата за пропорционалност, сопственички права и ефективни правни лекови.

Во реакцијата се подвлекува дека косовските власти мора без одложување да стапат во контакт со погодените жители и општините за да пронајдат законски решенија. Покрај тоа, улогата на косовската полиција во ваквите операции мора да остане строго во рамките на нејзиниот законски мандат, врз основа на јасни одлуки од надлежните органи и соодветно документирана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс