ЕУ ја предупреди Албанија: Проектот на семејството Трамп може да го загрози патот кон членство

Европската комисија ја предупреди Албанија дека контроверзниот туристички проект поврзан со Џаред Кушнер може да ги загрози преговорите за членство во ЕУ. Во земјата веќе седум дена траат протести.

Европската комисија ја предупреди Албанија дека контроверзниот туристички проект на југот од земјата, поврзан со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, би можел да го загрози напредокот на земјата кон членство во Европска Унија.

Предупредувањето доаѓа во време кога во Албанија веќе седум дена траат протести против изградбата на луксузен туристички комплекс во заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, познато како живеалиште на фламинга, медитерански фоки и морски желки.

Демонстрантите бараат проектот да биде стопиран, а во текот на викендот се засилија и повиците за оставка на албанскиот премиер Еди Рама.

Брисел бара укинување на спорните закони

Од Европската комисија порачаа дека Албанија треба да се воздржи од активности што би можеле да го загрозат исполнувањето на условите за затворање на Поглавјето 27 од пристапните преговори, кое се однесува на животната средина и климатските промени.

Брисел повторно побара целосно усогласување на албанското законодавство со европските правила за заштита на птиците и природните живеалишта, како и укинување на измените во Законот за заштитени подрачја и ставање вон сила на Законот за стратешки инвестиции.

Европската комисија со години бара укинување на овој закон од 2015 година, оценувајќи дека овозможува забрзано одобрување на одредени инвестиции и потенцијално заобиколување на еколошките стандарди на ЕУ.

Албанските власти тврдат дека работите се стопирани

Според Европската комисија, албанскиот министер за животна средина Софјан Јаупај го известил Брисел дека работите на проектот се прекинати и дека ќе биде спроведена проценка на влијанието врз животната средина со учество на граѓански организации.

Од Комисијата наведуваат дека веќе ја изразиле својата загриженост поради можните недостатоци на проектот, кој се наоѓа во заштитеното подрачје Вјоса-Нарта и за кој критичарите тврдат дека нема соодветна еколошка анализа.

Отворена истрага

Албанското специјално обвинителство за борба против корупцијата, СПАК, отвори истрага за промените на статусот на заштитеното подрачје и сопственоста на земјиштето во текот на 2024 година.

Протестите, кои организаторите ги нарекоа „Револуција на фламингата“, добија поддршка и од албанската дијаспора во Њујорк, Лондон, Брисел, Милано и Берлин. Премиерот Еди Рама неодамна изјави дека реакциите околу проектот се толку силни пред сè поради неговата поврзаност со Џаред Кушнер.

Албанија, заедно со Црна Гора, се смета за еден од најсериозните кандидати за членство во Европската Унија меѓу земјите од Западен Балкан. Владата во Тирана постави цел земјата да стане членка на ЕУ до 2030 година, додека техничките преговори треба да завршат до крајот на 2027 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс