ЕУ алармира: До 1,3 милиони работни места се во ризик поради војната на Блискиот Исток

Европската комисија изрази сериозна загриженост за економските последици од конфликтот на Блискиот Исток, предупредувајќи дека до 1,3 милиони работни места низ Европската унија би можеле да бидат загрозени. Европската комесарка за вработување Роксана Минзату изјави дека најизложени на ризик се индустриите со висока потрошувачка на енергија.

Предупредувањето беше упатено за време на презентацијата на „Пролетниот семестрален пакет 2026“, -годишна публикација на Европската комисија која ги поставува економските приоритети за 27-те земји членки.

„Поради војната на Блискиот Исток, до 1,3 милиони работни места се во ризик, особено во енергетски интензивните индустрии“, изјави Минзату на прес-конференција.

Таа додаде дека зголемените цени на енергијата особено негативно ќе влијаат врз домаќинствата со пониски приходи во Европа, поради што земјите членки се повикуваат да воведат насочени мерки за поддршка на ранливите групи. Конфликтот, кој започна кога Израел и САД изведоа напади врз Иран кон крајот на февруари годинава, веќе има видливи последици врз европската економија. Цените на енергијата пораснаа, растот е забавен, а инфлацијата се зголемува, според последните економски прогнози на ЕУ објавени во мај.

Европската комисија посочува дека постојат значајни разлики во економскиот раст и инфлацијата меѓу земјите членки, што ја загрозува конкурентноста на блокот. Во рамки на пакетот, голем фокус е ставен на вработувањето и создавањето квалитетни работни места, како и на решавањето на недостигот од квалификувана работна сила во стратешки сектори.

Како приоритети се издвоени подобрување на образованието и подобро усогласување на вештините со потребите на пазарот, особено во области како сајбер-безбедност, квантна технологија, вештачка интелигенција и полупроводници. На прес-конференцијата беше истакнато дека 77% од европските компании се соочуваат со недостиг на работна сила, што претставува сериозна пречка за инвестиции. Како главна причина се наведуваат лошите работни услови.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во меѓувреме ја истакнува конкурентноста како еден од главните приоритети на институцијата, во услови на зголемени геополитички тензии. Пакетот предвидува и намалување на бариерите на единствениот пазар, создавање поповолна бизнис-околина и намалување на зависноста од надворешни актери, особено од САД и Кина.

Комисијата паралелно работи и на забрзување на економските реформи во рамки на ЕУ, но нивната имплементација зависи од земјите членки, што останува долгогодишен предизвик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс