Европската унија најверојатно ќе го одложи воведувањето на ЕТИАС, новиот систем за електронско одобрување патувања за граѓаните од земји кои имаат безвизен режим со Шенген-зоната. Тоа значи дека граѓаните на Северна Македонија, барем засега, нема да мора да пополнуваат дополнителна онлајн апликација пред патување во земјите од ЕУ.
ЕТИАС, или Европски систем за информации и одобрување на патувања, не е класична виза, туку претходна електронска дозвола за влез. Системот треба да важи за патници кои не треба да вадат виза за краток престој во Шенген-зоната, но ќе мора однапред да добијат одобрување пред да тргнат на пат.
Според официјалната страница на Европската унија, ЕТИАС сè уште е најавен за последниот квартал од 2026 година, а точниот датум треба да биде објавен неколку месеци пред стартот. Во моментов, од патниците не се бара никакво дејство и апликациите не се отворени.
Но, според објави во европски и туристички медиуми, стартот на системот најверојатно ќе биде поместен за 2027 година. Причината е хаосот и техничките проблеми околу друг систем – ЕЕС, односно електронскиот систем за влез и излез, кој треба да ги регистрира патниците што влегуваат и излегуваат од Шенген-зоната.
ЕЕС предвидува прибирање биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија од лицето, за патници кои не се државјани на ЕУ. На дел од граничните премини и аеродроми веќе се појавија предупредувања за подолги чекања, технички потешкотии и ризик од застои, особено во шпицот на туристичката сезона.
Токму затоа европските институции сакаат прво да се стабилизира системот за влез и излез, пред да се воведе уште една обврска за патниците. ЕТИАС треба да биде поврзан со пасошот, да се пополнува онлајн, а апликацијата ќе чини 20 евра. Одобрението, кога системот ќе почне да функционира, ќе биде потребно пред патување, но нема да гарантира автоматски влез – конечната одлука и понатаму ќе ја носат граничните служби.
За граѓаните од Северна Македонија ова ќе значи уште еден чекор пред патување во ЕУ, но не и враќање на визите. Станува збор за дигитална проверка пред патување, слична на системите што веќе постојат во САД, Канада и Велика Британија.
Засега најважната информација за патниците е дека нема потреба да аплицираат никаде. ЕУ дополнително ќе го објави точниот датум кога ЕТИАС ќе стартува, а до тогаш патувањето за македонските граѓани продолжува според постојните правила за безвизен краток престој.