Германските компании продолжуваат да префрлаат дел од своето работење во странство, а главната причина се високите трошоци за производство и работење во Германија. Иако преселувањето на дел од производството во други земји порано најчесто било поврзано со освојување нови пазари и проширување на бизнисот, денес компаниите сè почесто инвестираат надвор од земјата за да ги намалат трошоците.
Трендот ги опфаќа и малите фирми со ограничено искуство, но и големите индустриски гиганти со децениско присуство на пазарот.
Производство се сели во Чешка, услуги во Индија
Еден од примерите е германскиот производител на градинарска опрема Gardena од Улм, кој планира да укине околу 250 работни места и дел од активностите да ги пресели во Чешка. Со ова, бројот на вработени во Германија би се намалил за околу 10 проценти.
Сличен пристап има и германскиот индустриски гигант BASF, кој планира дел од работните места во секторот за услуги да ги премести во Индија, што веќе создаде притисок врз неговиот центар во Берлин.
Кризите ја менуваат стратегијата на германските фирми
Главниот економист на германската државна развојна банка KfW, Дирк Шумахер, оценува дека условите за надворешна трговија значително се влошиле. Како главни причини се наведуваат: геополитичките тензии поради војната во Украина и кризите на Блискиот Исток, зголемената конкуренција од Кина во клучните индустриски сектори ,протекционистичката трговска политика на САД.
Во минатото, инвестициите во странство често значеле и зајакнување на домашното производство и отворање нови работни места во Германија. Сега ситуацијата се менува.
Компаниите инвестираат за да штедат, а не да растат
Фолкер Трајер, директор во секторот за меѓународна економија на KfW, предупредува дека најголем проблем е што странските инвестиции повеќе не носат исти позитивни ефекти за германската економија.
„Компаниите сега инвестираат пред сè за намалување на трошоците, а не за проширување на бизнисот“, оценува тој.
Уделот на компаниите кои инвестираат во странство со цел освојување нови пазари паднал од 30 на 28 проценти.
Расте интересот за Азија
Новите анализи покажуваат промени и во изборот на дестинации за инвестиции. Интересот за Северна Америка се намалил – процентот на германски компании кои планираат инвестиции таму паднал од 48 на 44 проценти.
Од друга страна, расте интересот за Азија инвестициите во Кина кај германските индустриски компании пораснале од 31 на 34 проценти, арегионот Азија и Пацифик без Кина бележи раст од 21 на 26 проценти.
Според Трајер, царинските спорови со САД ја зголемуваат неизвесноста и ги тераат компаниите да ги одложуваат инвестициите.
Хрватска станува нова дестинација за германскиот капитал
Меѓу земјите во регионот кои привлекуваат германски инвестиции е и Хрватска.
Извршниот директор на германската компанија Rheinmetall, Армин Папергер, најави големо проширување на производството во Хрватска. По преземањето на мнозински удел во хрватската компанија DOK-ING, е формирана нова компанија која ќе развива и произведува беспилотни возила. Планот е приходите да се зголемат од сегашните 13 милиони евра на 500 милиони евра годишно, а бројот на вработени да порасне од 200 на 1.000 работници.
Еврозоната останува главна цел
И покрај глобалните промени, еврозоната останува најважната дестинација за германските инвеститори, со удел од 64 проценти. Стабилноста, единствениот пазар и заедничката валута и понатаму обезбедуваат сигурни услови за бизнис, особено во период на зголемени геополитички ризици.
Сепак, економските аналитичари предупредуваат дека сè поголемото преселување на производството поради високите трошоци е сериозен сигнал за германската индустриска база и конкурентноста на најголемата европска економија.