„Equity team (и Спасе)“ е новиот национален дебатен шампион за 2026 година

На Националното дебатно првенство 2026 учествуваа 100 млади од повеќе општини, а најдобрите дебатери ќе патуваат на меѓународен турнир во Прага.

Тимот „Equity team (и Спасе)“, составен од Спасе Панев, Искра Героска и Ема Велјановска, ја освои титулата Национален дебатен шампион за 2026 година на Националното дебатно првенство што го организираше Младински образовен форум.

Првенството се одржа од 8 до 10 мај на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во рамки на проектот „Премостување на разлики: младински дијалог за мир“, поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации. На турнирот учествуваа 100 млади од повеќе општини во државата, кои се натпреваруваа во World Schools формат на македонски јазик.

Финалната дебата се водеше на темата: „Овој дом верува дека во постконфликтни општества, наставата по историја треба да се фокусира на помирување и единство, дури и по цена на деталите од конфликтот“. Во финалето се соочија „Equity team (и Спасе)“ и тимот „Nexus“, во состав Ана Василева, Стефан Николовски и Елена Николова.

За најдобри говорници на првенството беа прогласени Ема Велјановска како прва најдобра говорничка, Спасе Панев како втор најдобар говорник и Искра Героска како трета најдобра говорничка.

Покрај натпреварувачкиот дел, првенството им овозможи на младите простор за размена на идеи, јавно говорење, аргументирано изразување и критичко размислување на општествено важни теми. Осумте најдобри дебатери од ова првенство ќе учествуваат на меѓународниот турнир Prague Debate Spring во Прага, од 6 до 13 јули 2026 година, со целосно покриени трошоци од Младински образовен форум.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни