Епидемијата на ебола во ДР Конго излегува од контрола, предупредува СЗО

Светската здравствена организација бара итна меѓународна помош и мобилизација бидејќи вирусот брзо се шири кон соседните земји.
Фото: Flickr/World Bank

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго зема сè поголем замав и се соочува со ризик целосно да излезе од контрола, предупреди Светската здравствена организација (СЗО). Здравствените тимови на терен се соочуваат со сериозен недостиг на ресурси, додека бројот на заразени и смртни случаи рапидно расте. Регионалните власти стравуваат од прелевање на вирусот преку границите.

Претставниците на СЗО и локалните власти во ДР Конго алармираат дека капацитетите за заштита и изолација се речиси исцрпени. Инфекцијата брзо се шири низ руралните средини каде што пристапот до чиста вода и соодветна медицинска опрема е исклучително ограничен.

Дополнителен проблем претставува безбедносната ситуација во погодените региони, што значително го отежнува движењето на медицинските тимови и испораката на вакцини.

СЗО изрази посебна загриженост за можноста од трансгранично ширење на болеста. Границите со соседните земји се фреквентни, а контролните пунктови немаат доволно термички камери и лабораториска опрема за брза детекција.

Здравствените организации веќе започнаа со мобилизација на дополнителни медицински екипи, но предупредуваат дека без итна финансиска и логистичка поддршка од меѓународната заедница, епидемијата може да прерасне во глобална закана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс