Од 29 до 31 октомври 2026 година, Арена „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026, два водечки саеми посветени на најновите достигнувања во енергетиката, технологијата, иновациите и секторот за недвижности.
Под мотото „Вклучи одржливи навики“, ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 ќе ги обедини водечките компании, институции, експерти и иноватори од областа на техниката, технологијата, енергетиката и индустријата.

На изложбен простор поголем од 2.500 квадратни метри, посетителите ќе можат да се запознаат со современи производи, услуги и технолошки решенија кои го обликуваат развојот на индустријата и одржливото општество.
Саемската програма ќе опфати повеќе области, меѓу кои енергетика, електроиндустрија и електроника, металургија, информациско комуникациски технологии, телекомуникации, роботика, автоматизација, машинство, екологија и одржлив развој. Посебен акцент ќе биде ставен на обновливите извори на енергија, циркуларната економија, паметните индустриски решенија и дигиталната трансформација.
Во рамки на манифестацијата ќе биде обезбеден простор и за младите иноватори и стартап компании, кои ќе имаат можност своите идеи и проекти да ги претстават пред компании, инвеститори и професионалци од различни индустрии. Организаторите очекуваат тоа да отвори нови можности за партнерства, инвестиции, професионален развој и вработување.