Енди Барнам е на чекор до премиерската функција во Велика Британија: Обезбеди огромна поддршка во Лабуристичката партија

Енди Барнам обезбеди поддршка од 322 лабуристички пратеници и е најсериозен кандидат за наследник на Кир Стармер. Доколку нема противкандидат, ќе стане британски премиер на 20 јули.

Енди Барнам е сè поблиску до тоа да стане нов премиер на Обединетото Кралство, откако доби поддршка од 322 пратеници на Лабуристичката партија за наследник на Кир Стармер. Со оваа бројка остануваат само 81 пратеник кој би можел да номинира друг кандидат минималниот број потребен за влез во трката за лидер на партијата. Сепак, според британската политичка практика, лидерот што заминува не предлага наследник, што практично значи дека Барнам најверојатно ќе остане единствениот кандидат.

Поранешниот градоначалник на Голем Манчестер уште првиот ден од процесот ги обезбеди потребните номинации, односно поддршка од околу 80 проценти од пратениците на Лабуристичката партија.

„Им благодарам на сите колеги што ми ја дадоа својата доверба. Оваа поддршка доаѓа од сите делови на парламентарната група и покажува заедничко уверување дека на Британија ѝ е потребен нов политички пристап“, изјави Барнам.

Речиси целата актуелна влада застана зад неговата кандидатура, како и поранешните министри Вес Стритинг и Ал Карнс, кои претходно се споменуваа како можни противкандидати. Стритинг се повлече веднаш по кандидатурата на Барнам, додека Карнс официјално соопшти дека нема да се кандидира.

Номинациите остануваат отворени до 16 јули. Доколку не се појави друг кандидат, Барнам на 17 јули ќе биде официјално прогласен за нов лидер на Лабуристичката партија, а се очекува на 20 јули да ја преземе функцијата премиер на Велика Британија. Во меѓувреме, Барнам ги претстави и главните насоки на својата надворешна политика. Тој најави поостар пристап кон Израел поради воените операции во Газа, можност за дополнителни санкции и ограничување на трговијата со производи од нелегалните населби.

Истовремено, тој порача дека неговата влада ќе остане цврсто посветена на НАТО, ќе ги одржи блиските односи со Соединетите Американски Држави, ќе продолжи со поддршката за Украина и ќе работи на зајакнување на односите со Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс