Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави серија реформи и засилени контроли во сообраќајот, со посебен фокус на електричните тротинети, мотоциклистите и функционирањето на системот „Сејф сити“.
Во гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ, Тошковски изјави дека системот со камери ќе може да регистрира и странски регистарски таблички, а прекршоците направени од странски возила ќе бидат предмет на казнување.
„Дали камерите регистрираат странски таблици? Да. Дали ќе бидат предмет на казнување? Да. Системот е во фаза на подобрување и граѓаните набрзо ќе видат како ќе се процесираат овие прекршоци. Чуда не сме направиле, но дефинитивно сме подобриле многу нешта“, изјави Тошковски.
Тој најави дека првите видливи резултати во овој дел се очекуваат за околу еден месец.
Министерот се осврна и на безбедноста на мотоциклистите, посочувајќи загрижувачки податоци за изминатиот месец. Според него, од 12 загинати лица во сообраќајот, петмина биле мотоциклисти, а за тројца од нив, како што рече, бил сигурен дека не носеле кацига.
Како еден од најголемите нови предизвици во сообраќајот, Тошковски ги посочи електричните тротинети. Тој рече дека веќе разговарал со повеќе амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.
„Овде мислам дека треба да одиме со порадикално решение во дел на забрани, старосна граница за управување и можеби регистрација. Тротинетите се огромен проблем од аспект на безбедност во сообраќајот и се надевам на конкретни решенија во најбрзо време“, изјави Тошковски.
Најавите доаѓаат во период кога електричните тротинети сè почесто се користат во урбаните средини, но истовремено отвораат прашања за безбедноста на пешаците, возачите и самите корисници.