Експресен пат ќе ги поврзе Радовиш, Струмица и Ново Село со Бугарија

Почната е постапка за избор на проектантска куќа за делницата која ќе се финансира од Јавното претпријатие за државни патишта
Фото: Sprayedout.com

Јавното претпријатие за државни патишта ја започна постапката за подготовка на документацијата за нов експресен пат кој треба да се протега од Радовиш, преку Струмица и Ново Село, сè до граничниот премин со Бугарија. Со ова започнува првата фаза за избор на проектантска и консултантска куќа за изработка на техничките и еколошките студии, неопходни за отворање на тендерот за градежните работи на оваа патна оска.

Постапката што е во тек опфаќа избор на проектантска и консултантска куќа задолжена за подготовка на целосната техничка документација. Планот предвидува изработка на предпроектна документација, физибилити студија, како и соодветни еколошки и социјални студии за трасата.

Дури по комплетирањето и одобрувањето на овие документи, ќе се распише тендер за избор на изведувач на градежните работи. Според владините најави, изградбата на овој патен правец е предвидено да се финансира директно со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта.

Главната сообраќајна цел на овој инфраструктурен зафат е новата патна врска да не завршува во Струмица, туку преку Ново Село да стигне директно до македонско-бугарската граница. Оваа делница претставува продолжение на веќе изградениот експресен пат од Штип до Радовиш.

Покрај регионалното сообраќајно поврзување, во струмичкиот регион паралелно се најавени и комунални зафати, меѓу кои и изградба на систем за атмосферска канализација во населеното место Просениково со вредност од 46,6 милиони денари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс