Експлозија во фабрика за пиротехника на Малта: најмалку две лица се повредени

Најмалку две лица се повредени при експлозија во фабрика за пиротехнички материјал на Малта. Детонацијата ги потресла околните згради, а службите го обезбедуваат местото.

Најмалку две лица се повредени при експлозија во фабрика за пиротехнички материјал на Малта, јавуваат локалните медиуми.

Експлозијата се случила изутринава околу 6:30 часот по локално време. Двајца мажи, на возраст од 67 и 47 години, биле пренесени во болница по инцидентот.

Според извештаите, детонацијата била толку силна што се треселе околните згради, а дел од жителите пријавиле и скршени прозорци. Очевидци велат дека експлозијата се слушнала на голема оддалеченост.

Двајцата повредени, жители на заливот Сент Полс Беј, во моментот на експлозијата биле во близина на фабриката.

Полицијата соопшти дека во моментот на експлозијата во објектот немало вработени од фабриката.

На терен се распоредени полициски екипи, служби за цивилна заштита, итна медицинска помош и припадници на вооружените сили, кои го обезбедуваат местото на инцидентот.

Надлежните упатија апел до граѓаните да не се приближуваат до зоната додека трае увидот и додека службите ја проценуваат безбедноста на подрачјето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс