Над 200 економисти и истражувачи на ВИ бараат итна подготовка за економскиот удар технологијата

Повеќе од 200 водечки економисти и истражувачи на вештачка интелигенција потпишаа отворено писмо, барајќи од светските лидери итно да се подготват за економското влијание на технологијата.

Писмото, објавено вчера и организирано од Дигиталниот економски лабораториум на Универзитетот Стенфорд, го носат потписите на 16 добитници на Нобелова награда.

Писмото има само четири реченици, но пораката е недвосмислена.

„Вештачката интелигенција во следните десет години може да стане радикално помоќна”, наведуваат авторите. Тоа, велат тие, може да предизвика трансформација на економијата поголема од Индустриската револуција, но во многу пократок временски рок.

Меѓу потписниците се и раководители од водечки ВИ-компании, вклучувајќи го поранешниот извршен директор на Google, Ерик Шмит, главниот економист на OpenAI, Рони Чатерџи, и кососнивачот на Anthropic, Џек Кларк. Присуството на луѓе кои директно ги градат овие технологии, а сепак бараат институционални мерки на претпазливост, наместо забрзување, дава дополнителна тежина на предупредувањето.

Пионерот на вештачката интелигенција, Јошуа Бенџио, во посебна изјава истакна дека врз основа на моменталната патека на развојот, „веројатно е дека вештачката интелигенција драстично ќе ги трансформира нашите економии”. Тој додаде дека одлуките мора да бидат свесни и демократски, наместо да се остават целосно на пазарните сили, со ризик поголемиот дел од граѓаните да останат заборавени.

Писмото бара од економисти, креатори на политики и технолошки лидери подобро да ја разберат економијата на трансформативната вештачка интелигенција и да создадат стимулации, заштитни механизми и институции кои ќе обезбедат технологијата да ги надополнува работниците, а не целосно да ги замени. Ерик Брјонлфсон, директор на истражувачката лабораторија на Стенфорд, забележа дека станува збор за значителна промена во економската професија, која подолго време веруваше дека вакви технолошки промени ќе се одвиваат постепено, давајќи им доволно време на работниците да се преквалификуваат.

Меѓу потписниците е и професорот на МИТ, Дарон Асемоглу, кој претходно го застапуваше ставот дека развивачите на ВИ треба да приоритизираат системи кои ги надополнуваат луѓето, наместо целосно да ги автоматизираат нивните работни места. Тој предупреди дека доколку вештачката интелигенција влијае врз канцелариската работа онака како што индустриските роботи го трансформираа производството, но во многу пократок временски период, последиците за егзистенцијата на работниците можат да бидат катастрофални.

е-Трн да боцка во твојот инбокс