Измените на Законот за животната средина можат да создадат правни празнини наместо подобра заштита, предупредува Еко-свест во реакцијата пред најавеното собраниско разгледување на предлогот.
Според организацијата, предложените интервенции зафаќаат суштински прашања: управувањето со контаминирани подрачја, роковите за поднесување елаборати и постапките за оцена на влијанието врз животната средина. Еко-свест оценува дека бришењето и менувањето на овие одредби може да создаде нејаснотии при примената на законот.
Предлогот е претставен како усогласување со европската директива за оцена на влијанието на проектите врз животната средина. Но, според Еко-свест, парцијалните измени не ги остваруваат нејзините цели.
Организацијата предупредува и на можна неусогласеност со новиот закон за заштита на природата, чија подготовка е во тек. Од пратениците бара да ги земат предвид доставените коментари за да спречат последици врз животната средина.