Националниот парк Маврово повеќе од една деценија се наоѓа во правна неизвесност поради незавршениот процес за негово повторно прогласување, предупредуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.
Според организацијата, одложувањето на постапката го остава паркот без клучните механизми за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје, меѓу кои задолжителен план за управување и нов просторен план.
Од Еко-свест посочуваат дека стручните тимови ја завршиле Студијата за валоризација, изработена со јавни и донаторски средства, но дека раководството на ЈУ Национален парк Маврово не се согласува со научните наоди и предложеното зонирање.
Во меѓувреме, како што наведуваат, во паркот продолжуваат активности што можат негативно да влијаат врз неговите природни вредности, вклучувајќи комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за изградба на мали хидроелектрани.
„Од 2010 година, кога требало да заврши процесот на подготовка на закон и подзаконски акти, па досега не е донесен закон за повторно прогласување на Маврово за национален парк. Во 2015 година имало иницијатива која без образложение била повлечена од страна на Владата“, изјави Марко Гучески, правник во Еко-свест.
Тој нагласува дека законот е неопходен бидејќи од него треба да произлезат планот и програмата за управување со националниот парк, додека Министерството за животна средина и просторно планирање е највисокиот орган задолжен за заштита на природата во државата.
Заштитата на Маврово се следи и на меѓународно ниво
Прашањето за заштитата на Маврово се разгледува во рамките на Бернската конвенција уште од 2013 година. Според Еко-свест, во 2025 година до македонските власти била упатена конкретна препорака за запирање на развојот на хидроцентрали во паркот и за негово итно повторно прогласување.
Од организацијата тврдат дека од минатата година нема комуникација меѓу Секретаријатот на Бернската конвенција и Министерството за животна средина.
Писмото со барање за итно решавање на статусот на паркот го поддржале 21 организација.
„Бараме Министерството итно и без одложување да го преземе административниот процес на прогласување на паркот и да го стави законот за повторно прогласување на Маврово на јавна расправа, за да може да се усвои во Собранието“, изјави извршната директорка на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска.
Таа повика и на воведување мораториум на активностите што не се во функција на заштитата на природата додека не биде воспоставена целосна и функционална законска рамка.
Бараат јавна расправа и мораториум на штетните активности
Еко-свест бара од надлежните институции:
- Министерството итно да го преземе административниот процес за повторно прогласување на Националниот парк Маврово;
- предлог-законот да биде ставен на јавна расправа и постапката за негово усвојување да продолжи во Собранието;
- управувањето со паркот да се усогласи со научните наоди од Студијата за валоризација и со предложеното зонирање;
- да се воведе мораториум на активностите и проектите што не се во функција на заштитата на природата;
- државата да ги исполни меѓународните обврски, вклучително и препораките во рамките на Бернската конвенција.
„Маврово не смее да остане во правен вакуум. Заштитата на неговите природни вредности мора да биде приоритет и обврска на надлежните институции“, порачуваат од Еко-свест.