CNN: Војната во Иран го поништи ефектот од Мундијалот во САД

Продажбата во градовите домаќини порасна, но вработувањето и туризмот остануваат далеку под ветувањата на ФИФА.
Фото: Flickr/Steve Evans

Ефектот од Мундијалот 2026 во САД е поништен од војната во Иран, пишува CNN. Иако ФИФА најавуваше значителна финансиска корист за американската економија, официјалните податоци не покажуваат забележителен раст на вработувањето, туризмот или цените на хотелите. Главниот економист за САД во компанијата RBS, Џо Брусуелас, оценува дека поттикот од турнирот и последиците од војната веројатно се поништиле меѓусебно.

ФИФА се трудеше да ja докаже користта od турнирот. Во извештај од март 2025 година, ФИФА процени дека организацијата ќе чини 13,9 милијарди долари, од кои 11,1 милијарда ги покриваат САД. Истовремено најави 80,1 милијарда долари глобална економска корист, вклучувајќи 30,5 милијарди за САД, како и еквивалент на 185.000 работни места со полно работно време.

Официјалните податоци сепак не го покажуваат тоа. Туризмот во САД во јуни бил практично на истото ниво како лани, со раст од само 0,2 отсто, според податоци на Националната канцеларија за патувања и туризам. Најголем дел од тој раст дошол од Африка и Јужна Америка, додека бројот на посети од Европа паднал за 1,2 отсто, а од Азија за 5,6 отсто.

Извештајот за инфлација од минатата недела покажа помал ефект од очекуваниот. Цените на хотелите паднале за 2,8 отсто, а цените на авионските билети речиси не се промениле. Цените за рекреација пораснале, но само за 0,5 отсто.

Јунскиот извештај за пазарот на трудот откри дека бројот на работни места во угостителството и туризмот паднал за 61.000, толку неверојатна бројka што економистите очекуваат да биде ревидирана.

Според податоци на компанијата Fiserv, продажбата во малите претпријатија во градовите домаќини порасна за 4,1 отсто, наспроти раст од 1,8 отсто во градовите кои не угостувале натпревари.

Бостон, со раст на продажбата од 7,6 отсто, бил најголем добитник, најмногу поради голема продажба на пиво, генерално поради шкотски навивачи. Сепак, Федералните резерви наведуваат дека бостонските хотели првично пријавиле пополнетост под очекувањата, која се вратила на вообичаено ниво дури откако понудиле попусти.

Џо Брусуелас забележува дека турнирот веројатно ja поттикнал економската активност во градовите домаќини и значително ja подигнал потрошувачката. Но турнирот се поклопил со војната во Иран, која ги покачила цените и ja намалила побарувачката.

Тие фактори веројатно меѓусебно се поништиле, заклучува CNN.

е-Трн да боцка во твојот инбокс