Во Народен театар – Битола вчера започнаа пробите за петтата премиера во овој театар за оваа година, претставата „Едмонд“ по текст на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски.
Мицевски завршил театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и специјализација по Ибзен во Центарот Ибзен на Универзитетот во Осло, Норвешка. Мицевски во 2012 во Будимепшта го основал својот приватен театар Oliver Micevski’s Theatre Company, своевремено единствен театар на англиски јазик во Будимепшта а подоцна театарот работел и во Данска. Мицевски со својата театарска компанија работел и во Берлин, Прага, Братислава, Будимпешта, Кан, Даблин итн.
Во битолската постановка играат: Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска Јанкуловска и Маја Андоновска Илијевски.
Сценографијата на претставата „Едмонд“ е на Валентин Светозарев, костимите на Благој Мицевски а музиката на Марјан Неќак.
Претставата е поддржана од Годишната програма на Министерството за култура и туризам а премиерата се очекува на крајот на јуни.