На секои 10 минути една жена е убиена од партнер или член на семејството

Последните глобални процени на UN Women и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) покажуваат дека околу 50.000 жени и девојчиња биле убиени од интимни партнери или други членови на семејството во 2024 година

На секои десет минути, некаде во светот, една жена или девојче е убиена од интимен партнер или друг член на семејството. Зад оваа статистика не стојат само десетици илјади одделни злосторства. Во многу случаи, пред убиството постои историја на контрола, закани, вознемирување и насилство.

Токму на тоа се предупредува и на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа во Скопје. Пораката е дека фемицидот не смее да се третира само како изолиран инцидент или „семејна трагедија“, туку како најекстремна форма на родово базирано насилство.

137 жени и девојчиња дневно

Последните глобални процени на UN Women и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) покажуваат дека околу 50.000 жени и девојчиња биле убиени од интимни партнери или други членови на семејството во 2024 година. Тоа значи просечно 137 жртви секој ден,речиси една на секои десет минути.

Вкупно околу 83.000 жени и девојчиња биле намерно убиени во светот во текот на 2024 година, а приближно 60 проценти од нив биле убиени од интимен партнер или член на сопственото семејство. Податокот покажува колку поинаков ризик постои за жените во приватната сфера. Според истите процени, околу 11 проценти од намерно убиените мажи биле жртви на интимен партнер или друг член на семејството.

Фемицидот не почнува со убиството

Фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата. Но убиството често е последниот чин во многу подолг процес. Пред него може да постојат контролирачко однесување, закани, следење, вознемирување, физичко насилство и други форми на злоупотреба. Токму затоа раната процена на ризикот и реакцијата на институциите може да биде прашање на живот или смрт.

И затоа фемицидот не може да се сведе на формулациите што толку често ги слушаме по убиството – „семејна трагедија“, „љубомора“, „кавга меѓу партнери“ или „проблематична врска“.

Кога на убиството му претходело насилство, прашањето не е само што се случило во последните минути од животот на жената. Прашањето е што се случувало во месеците и годините претходно – и дали опасноста можела да биде препознаена навреме.

Македонија веќе ги виде предупредувачките знаци

За македонската јавност ова не е далечна светска статистика. Во септември 2025 година, убиството на 31-годишната Росица Коцева во Велес го отвори токму прашањето што денес повторно се поставува: што се случува кога жена бара помош, а системот не успева да ја заштити?

Коцева повеќепати го пријавувала поранешниот партнер за насилство, закани и вознемирување. Според податоците објавени по нејзината смрт, постоеле повеќе пријави, а меѓу пријавените дејствија биле физичко насилство, закани, запалено возило и навредливи графити. Имало и судска постапка, условна казна и забрана за приближување.

На 15 септември 2025 година Росица и нејзиниот татко беа убиени, а нејзиниот поранешен партнер потоа си го одзел животот.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и меѓу организациите за човекови права. Хелсиншкиот комитет го квалификуваше убиството како фемицид и отвори прашања за начинот на кој институциите реагирале на претходните пријави за насилство.

И Танкица барала заштита пред да биде убиена

Само две години претходно, Македонија беше потресена од друг случај кој отвори слични прашања. Во септември 2023 година во Кочани беше убиена 46-годишната Танкица Младеновска, самохрана мајка на три деца.

И во овој случај пред убиството имало пријави за вознемирување и закани и барање за институционална заштита. По убиството, организации кои работат на заштита на жените побараа случајот да биде препознаен и третиран како фемицид.

Росица и Танкица не се исти случаи и секој има сопствени околности. Но имаат една важна заедничка точка: убиството не било првиот сигнал дека жената може да биде во опасност. Имало предупредувања. Имало пријави. Имало барања за помош.

Токму затоа овие случаи останаа во јавноста и по завршувањето на првичниот циклус вести за самите убиства.

Домот за многу жени останува опасно место

Глобалните податоци откриваат суров парадокс: местото кое би требало да биде најбезбедно за човекот, за голем број жени е местото каде што се изложени на најголем ризик од смртоносно насилство. Фемициди извршени од партнери и членови на семејството се регистрираат во сите региони на светот. Според процените за 2024 година, највисоката стапка на вакви убиства е регистрирана во Африка.

Но вистинскиот обем на проблемот е тешко да се измери. Различните системи на евидентирање, недостигот од податоци и фактот што не секое убиство на жена може автоматски да се класифицира како фемицид дополнително ја усложнуваат глобалната статистика.

Кога ќе се случи убиството, за превенција е предоцна

Конференцијата во Скопје ги собира институциите, правосудството, меѓународните организации и граѓанскиот сектор од регионот за да разговараат токму за превенцијата и подобриот институционален одговор. Но зад конференциите, стратегиите и статистиките останува едно многу поконкретно прашање: што се случува кога една жена првпат ќе каже дека е загрозена?

Македонија веќе има случаи во кои по убиството јавноста дознала дека претходно постоеле пријави, закани и барања за заштита. Затоа кога зборуваме за речиси 50.000 жени и девојчиња убиени за една година од интимни партнери или членови на семејството, Македонија не е набљудувач на туѓ проблем.

Фемицидот не почнува во моментот кога жената е убиена. Може да започне многу порано со закана која не била сфатена доволно сериозно, со насилство кое било релативизирано, со контрола наречена „љубомора“ или со пријава по која заштитата не била доволна.

Кога последицата е убиство, за превенција веќе е предоцна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс