Европа сака децата да бидат подобро заштитени на интернет, но не постои ист став за тоа како да се постигне тоа. Додека дури 91% од граѓаните на Европската Унија сметаат дека се потребни дополнителни мерки за регулирање на користењето на социјалните мрежи од страна на децата, само 36% ја поддржуваат мерката што добила најголема поддршка – забрана за користење под одредена возраст.
Новиот предлог на Европската Унија, „КИДС акт“, предвидува децата под 13 години да не можат да користат социјални мрежи, додека за оние на возраст од 13 до 15 години би биле воведени дополнителни ограничувања. Целта е да се ограничи прекумерното користење на телефони и таканареченото „доумскролување“, но и да се намали изложеноста на децата на штетни содржини, опасни контакти и други ризици во дигиталната средина.
Организациите за заштита на детските права ја поздравуваат иницијативата, но дел од нив предупредуваат дека ограничувањето на пристапот до социјалните мрежи може да има и несакани последици – меѓу другото, да ги турне тинејџерите кон уште понебезбедни онлајн заедници.
91% бараат повеќе мерки, но само 36% поддржуваат забрана
Според истражувањето „ЕУ – предизвици и приоритети“ на Евробарометар, 91% од граѓаните на ЕУ сметаат дека се потребни дополнителни мерки за регулирање на користењето на социјалните мрежи од страна на децата. Но, кога станува збор за конкретните мерки, поддршката е значително пониска.
Најголема поддршка – 36% – има забраната за користење социјални мрежи под одредена возраст. Највисока поддршка за оваа мерка е измерена во Грција, со 49%. Следуваат Бугарија, Романија, Португалија, Ирска и Словачка со по 44%. Најниска поддршка има во Австрија, 27%, Германија, 28%, и Чешка, 29%.
Тоа покажува дека постои широка согласност дека децата треба да бидат подобро заштитени, но многу помалку согласност околу тоа дали забраната е вистинскиот механизам.
„Товарот се префрла од платформите врз родителите“
Дел од организациите за заштита на детските права се покритични кон начинот на кој е замислена новата регулатива. Жан-Мари Кваши, службеничка за застапување во ЕУ во организацијата „Тере де Хомс Холандија“, вели дека не станува збор за целосно нова забрана.
Според неа, голем број платформи и досега ја имаат поставено границата од 13 години како минимална возраст за пристап. Кваши посочува и дека предвидената граница се поврзува со членот 8 од Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР), но смета дека предлогот треба дополнително да се подобри во делот што се однесува на корисниците на возраст од 13 и 14 години.
Според актуелниот предлог, тинејџерите нема самостојно да можат да креираат профил. Тоа би требало да го направат и потврдат нивните родители. Потоа профилот би бил поврзан со родителски профил или административна контролна табла преку која, меѓу другото, би можело да се ограничува времето поминато на платформата – до максимум еден час дневно.
Токму тука се отвора прашањето кој ја носи одговорноста за безбедноста на децата. Кваши смета дека предлогот е насочен кон дизајнот на платформите наместо само кон општи забрани, но предупредува дека условувањето на пристапот со родителска регистрација може да префрли значаен дел од одговорноста од технолошките компании врз семејствата.
За тинејџерите од 13 до 15 години, според неа, безбедноста треба да биде вградена во самите платформи, а не да зависи само од одобрението на родителите.
Од што најмногу стравуваат Европејците?
Загриженоста за безбедноста на децата на социјалните мрежи е висока низ ЕУ. Околу седум од десет испитаници велат дека се многу или донекаде загрижени поради сајбер-малтретирањето, онлајн заведувањето и изложеноста на штетни содржини.
Најголема загриженост предизвикува сајбер-малтретирањето – 71% од испитаниците го посочуваат како проблем. Следуваат онлајн заведувањето и манипулирањето со деца, со 70%, и изложеноста на штетни содржини, со 69%. Интересно е што една од главните цели на „КИДС актот“ дизајнот на платформите што поттикнува зависничко користење, предизвикува нешто помала загриженост.
Околу 60% од испитаниците го посочиле како проблем, а само 28% велат дека се многу загрижени поради таквиот дизајн. И тука постојат значителни разлики меѓу земјите. Во Кипар, на пример, дури 89% од испитаниците се загрижени поради зависничкиот дизајн на платформите, додека во Луксембург тој процент изнесува 87%.
Прашањето што го отвора „КИДС актот“, затоа, не е само дали децата треба да имаат пристап до социјалните мрежи. Туку и кој треба да ја носи одговорноста за нивната безбедност – самите платформи, родителите или законодавците.