Научниците предупредуваат: еден вкус на е-цигари може да биде поризичен од другите

Ново истражување покажува дека одредени вкусови на е-цигари, особено овошните ароми како манго и лубеница, може да бидат поврзани со промени во активноста на гените.

Научниците предупредуваат дека одредени вкусови на е-цигари може да носат поголеми здравствени ризици отколку што досега се мислеше. Посебна загриженост предизвикуваат овошните ароми, кои според ново истражување се поврзуваат со промени во активноста на голем број гени.

Иако е-цигарите често се претставуваат како помалку штетна алтернатива на класичните цигари, нивните долгорочни ефекти врз здравјето сè уште не се доволно познати.

Студија објавена во списанието Frontiers in Oncology покажала дека кај лицата кои редовно користат е-цигари активноста на 3.124 гени се разликува во споредба со луѓе кои не пушат и не користат вејп.

Таквите промени можат да бидат рани предупредувачки знаци за процеси што претходат на развој на сериозни болести, вклучително и рак, како и заболувања на срцето и белите дробови.

Професорот Ахмад Бесаратинија, главен автор на студијата, вели дека клучното прашање било што точно ги поттикнува овие промени — самиот чин на вејпање, интензитетот и времетраењето на користењето, карактеристиките на производот или комбинација од сите фактори.

Неговиот тим открил дека дури две третини од промените во активноста на гените може да се поврзат со вкусот на течноста и типот на уредот што се користи.

Најголема загриженост предизвикуваат овошните вкусови, како манго и лубеница. Во студијата тие биле поврзани со промени кај 31 процент од засегнатите гени. За споредба, слатките вкусови биле поврзани со промени кај 2,9 проценти од гените, додека ментолот и ментата со 0,9 проценти.

Овие разлики, според научниците, укажуваат дека некои ароми може да имаат значително поголем штетен потенцијал од други.

„Разликите меѓу производите објаснија повеќе варијации во регулацијата на гените отколку самата количина или зачестеност на вејпањето“, нагласи Бесаратинија.

Тој и неговиот тим продолжуваат со истражувањата за да утврдат кои конкретни хемикалии во течностите за вејпање ги предизвикуваат овие промени. Целта е да се идентификуваат соединенијата што најмногу се поврзуваат со промените во активноста на гените.

„Кога ќе ги идентификуваме тие хемикалии, регулаторите би можеле да побараат од производителите да ги отстранат или да го намалат нивното ниво во производите, за да се намали потенцијалната штета“, изјави Бесаратинија.

Во почетната студија учествувале 35 корисници на е-цигари, 24 пушачи и 24 непушачи, а наодите биле добиени преку анализа на примероци од клетки од усната шуплина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс