Македонскиот диригент, композитор и мултиинструменталист Џијан Емин повторно ќе диригира со Бамбергер Симфоникер, еден од најпрестижните европски оркестри. По успешната соработка од минатата година, Емин повторно се враќа на сцената во Бамберг, Германија, овојпат заедно со светски реномираниот пијанист, композитор и продуцент Франческо Тристано.
Концертот ќе се одржи овој четврток, а програмата е замислена како музичко патување меѓу различни епохи, стилови и авторски светови. Публиката ќе има можност да слушне дела од Јохан Себастијан Бах, Морис Равел и Чарлс Ајвс, но и нови композиции создадени специјално за овој проект од Џијан Емин и Франческо Тристано.
Токму во оваа програмска поставеност лежи особеноста на концертот. Класичниот репертоар не се третира како затворена форма, туку како простор за ново читање, нова комуникација и современа музичка интервенција. Делата на Бах, Равел и Ајвс добиваат поинаков контекст преку авторска музика што го продолжува дијалогот меѓу традицијата и сегашноста.
„Голема чест е повторно да работам со Бамбергер Симфоникер и Франческо Тристано. Ова е проект што не само што ги спојува различните музички епохи, туку отвора и нови креативни перспективи преку авторска музика создадена специјално за овој состав и оваа програма“, истакнува Емин.
Повторната покана од Бамбергер Симфоникер е уште една потврда за меѓународниот углед на Џијан Емин и за неговиот препознатлив авторски и изведувачки сензибилитет. Во изминатите години, тој оствари бројни значајни настапи и соработки низ Европа, претставувајќи ја македонската музичка култура на сцени каде настапуваат врвни светски уметници и ансамбли.
Средбата на Емин, Тристано и Бамбергер Симфоникер е повеќе од концертна соработка. Таа е пример за тоа како класичната музика може да се отвори кон современоста, без да ја изгуби својата длабочина и сила. Од Бах до новите авторски светови, проектот ја слави музиката како жив простор што постојано се преосмислува.