Денес е петок 13-ти, третпат оваа година, по февруари и март. Следниот петок 13-ти ќе се падне дури во август 2027 година. Стравот од овој датум има и научно име – параскеведекатријафобија. Поради суеверието, во многу хотели и деловни згради нема 13-ти кат, а некои авиокомпании го прескокнуваат и редот со број 13. Но, колку и да изгледа древно, стравот од петок 13-ти е изненадувачки млад феномен.
Фолклористите велат дека е тешко со сигурност да се утврди потеклото на суеверието, но и бројот 13 и петокот одделно се поврзуваат со библиската традиција. Тринаесеттиот гостин на Тајната вечера бил Јуда, а распнувањето на Исус, според христијанското предание, се случило во петок. Во нордиската митологија, пак, постои приказна за гозба на која присуствувале 12 богови, а како тринаесетти гостин се појавил Локи, предизвикувајќи трагични последици.
Двете суеверија ги споил во едно американскиот финансиер Томас Лосон. Во 1907 година го објавил романот „Петок, тринаесетти“, во кој еден брокер го искористува стравот од овој датум за да предизвика паника на берзата. Книгата доживеала голем успех и во првиот месец биле продадени повеќе од 60.000 примероци.
Најпопуларната приказна за потеклото на суеверието, сепак, не е точна. Иако витезите Темплари навистина биле уапсени во петок, на 13 октомври 1307 година, тој настан не е потеклото на стравот од петок 13-ти. Романот „Кодот на Да Винчи“ на Ден Браун, објавен во 2003 година, помогнал да се рашири погрешното тврдење дека суеверието потекнува од апсењето на стотици припадници на овој воен и религиозен ред. Историчарката Хелен Николсон од Универзитетот во Кардиф забележува дека повеќето објаснувања што го поврзуваат суеверието со Темпларите се релативно скорешни измислици.
Утрешниот датум има и една помалку позната историска поврзаност. Една од првите документирани референци за стравот од петок 13-ти на англиски јазик се наоѓа во биографијата на композиторот Џоакино Росини, кој починал во петок, на 13 ноември 1868 година. Интересно е што во Скопје 13 ноември има сосема поинакво значење – тоа е Денот на ослободувањето на градот.
Петок не е несреќен ден во сите култури. Во Шпанија и Грција, на пример, за несреќен се смета вторник 13-ти. Ова суеверие го поврзува бројот 13 со Марс, римскиот бог на војната, по кого е именуван вторникот во шпанскиот јазик. Грчката традиција дополнително го поврзува овој ден со падот на Константинопол во рацете на крстоносците, во вторник, на 13 април 1204 година, како и со освојувањето на градот од Османлиите, во вторник, на 29 мај 1453 година.
Во Италија, пак, стравот не го предизвикува бројот 13, туку петок 17-ти. Причината се крие во римските бројки: XVII може да се преуреди во латинскиот збор VIXI, што значи „живеев“ и се поврзува со смртта. Затоа, во италијанската традиција бројот 13 воопшто не го носи негативното значење што го има во други земји.
Но, дали петок 13-ти навистина носи несреќа? Статистиката сугерира дека нема причина за таков страв. Холандскиот центар за осигурителна статистика во 2008 година објавил анализа според која петок 13-ти бил побезбеден од просечниот петок. Во период од две години, холандските осигурителни компании примале пријави за просечно 7.800 сообраќајни несреќи секој петок, додека во петок што се паѓал на 13-ти бројката била околу 7.500. Биле регистрирани и помалку пожари и кражби, иако просечната вредност на штетите била малку повисока.
Финците, пак, одлучиле да го искористат суеверието за нешто корисно. Финскиот Црвен крст од 1995 година го одбележува Националниот ден на несреќи секогаш кога 13-ти ќе се падне во петок. Целта не е да се поттикне стравот од датумот, туку да се подигне свеста за безбедноста и да се поттикнат луѓето да размислуваат како да спречат несреќи.
Можеби најголемата несреќа на петок 13-ти е тоа што милиони луѓе и понатаму му дозволуваат на календарот да им го одреди расположението.
