Кои апликации најмногу ги преземаат Македонците? m.Uslugi, ChatGPT и Temu се меѓу првите

Листата на најпреземани апликации на Google Play во Македонија оваа есен ја предводи државна апликација. Веднаш зад неа се алатките за вештачка интелигенција и платформите за евтино онлајн купување.

Првото место на листата на најпреземани апликации на Google Play во Македонија не го заземаат ниту ТикТок ниту Инстаграм, туку државна апликација. Во рангирањето на платформата Appfigures, на врвот е m.Uslugi на Министерството за дигитална трансформација, пред Meta AI, ChatGPT, Temu и WhatsApp.

Апликацијата е достапна за Андроид и iOS, а засега нуди три вида услуги: електронска лична карта, електронска возачка дозвола, со податоци преземени од базите на МВР, како и обрасците М1, М2 и М4. Важно е да се има предвид дека ваквите листи не го покажуваат вкупниот број корисници, туку апликациите што се преземаат во одреден период. Затоа, новите апликации можат брзо да се искачат на врвот на рангирањето.

Скокот на m.Uslugi доаѓа во период кога државата ги насочува граѓаните кон користење дигитални документи и услуги. Министерот Стефан Андоновски изјави дека апликацијата ја развиле македонски инженери и програмери, иако идејата е инспирирана од украинската „Дија“ и полската „мГраѓанин“. Државните апликации добро се позиционираат и во одделни категории. Апликацијата „Мој ДДВ“ на Управата за јавни приходи е прва на листата на финансиски апликации, пред Google Wallet.

Вештачката интелигенција веќе станува дел од секојдневието. Веднаш зад државната апликација се наоѓаат Meta AI и ChatGPT, а во одделни рангирања ChatGPT го зазема и првото место. На листата на најпреземани апликации без игрите, ChatGPT е пред Temu, Waze, TikTok и Snapchat.

Трендот не е ограничен само на Македонија. Apple објави дека ChatGPT била најпреземаната бесплатна апликација за iPhone во 2025 година, пред Threads, Google, TikTok и WhatsApp. Интересот за вештачката интелигенција се забележува и во образованието. На листата на образовни апликации, Duolingo е на првото место, а по него следуваат и други алатки за учење јазици со помош на вештачка интелигенција.

Кинеската платформа Temu исто така постојано се наоѓа меѓу најпреземаните апликации, што го покажува интересот за евтино онлајн купување. На листите се појавува и турскиот трговски синџир за облека LC Waikiki. Глобално, Temu во 2024 година забележала 516 милиони преземања, зад TikTok со 825 милиони, кој петта година по ред го задржал првото место.

Кај комуникациските апликации, Македонија останува верна на Viber. Во оваа категорија тој е пред WhatsApp и Snapchat. На листата се наоѓаат и апликациите на двата најголеми мобилни оператори – „Мојот А1“ и „Телеком МК“.

Кај социјалните мрежи предводи TikTok, пред Instagram, TikTok Lite, Facebook и Threads. Лајт-верзиите на TikTok, Instagram и Facebook, наменети за телефони со послаби перформанси и за корисници кои сакаат да трошат помалку мобилен интернет, сè уште се меѓу популарните избори. Тоа открива и нешто за уредите што ги користат граѓаните, како и за потребата од апликации што не зафаќаат многу простор и не трошат многу податоци.

Меѓу најпреземаните игри се Roblox, сложувалката Block Blast и Vita Mahjong, игра која е особено популарна кај повозрасните корисници.


Погледот кон листите открива дека дигиталните навики во Македонија сè повеќе се обликуваат од вештачката интелигенција, онлајн купувањето и мобилните услуги. Со години наназад, речиси сите најпопуларни апликации кај нас се странски. Затоа е особено интересно што една домашна државна апликација, барем во актуелното рангирање, успеала да ги надмине глобалните технолошки гиганти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс