Околу 20 ученици и еден наставник од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ побарале медицинска помош поради симптоми како гадење, повраќање и дијареја, што отвори сомнежи дали станува збор за труење со храна или вирусна инфекција. Според информациите од здравствените установи, околу 15 деца биле прегледани на Детската клиника. Кај најголемиот дел од нив била констатирана полесна клиничка слика, по што биле пуштени на домашно лекување. Само едно дете било задржано на болнички третман, но по стабилизирањето на состојбата денеска било пуштено дома.
Од Клиника за инфективни болести информирале дека биле прегледани четири деца и едно возрасно лице со симптоми на повраќање и дијареја, при што кај ниту еден пациент не била утврдена потреба од хоспитализација. Првичните епидемиолошки анкети не утврдиле заедничка консумација на храна кај сите заболени, поради што здравствените власти засега не излегуваат со претпоставки за причините додека траат проверките.
Загриженост изразиле и родителите, кои очекуваат надлежните институции што поскоро да утврдат што стои зад појавата на симптомите.
Од Општина Кисела Вода соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и дека учениците кои пријавиле тегоби се од различни возрасни групи. Според првичните информации, тие не консумирале иста храна во текот на денот, а дел од нив оброците ги имале надвор од училиштето.Општината информира дека веднаш биле известени Центар за јавно здравје, Скопје и Институт за јавно здравје, а понатамошните активности ќе се спроведуваат согласно нивните препораки.
Во меѓувреме, од Центарот за јавно здравје – Скопје и од Државен санитарен и здравствен инспекторат посочиле дека до моментот на нивните институции официјално не им бил пријавен случајот. Надлежните служби продолжуваат со проверките за да утврдат дали станува збор за труење со храна или за вирусна инфекција, додека состојбата на сите ученици засега е стабилна.