Дунав, една од најголемите европски реки, од средината на јули на одредени места изгледа како бара поради долготрајна суша и високи температури. Кај Бездан водостојот падна на минус 120 сантиметри, само 23 сантиметри над историскиот минимум забележан во 1909 година. Хидрологот Дејан Владиковиќ предупредува дека состојбата веќе во август може да доведе до рестрикции во водоснабдувањето во делови од Србија.
Дунав поминува низ десет земји: Германија, Австрија, Словачка, Унгарија, Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Молдавија и Украина. Од средината на јули, реката на одредени делови личи на бара, а на места и на пустина. Долготрајниот недостиг на врнежи и високите температури во последниве денови предизвикаа извонредно ниски вредности во поголемиот дел од сливот. Најпогодени се северот на Србија, Хрватска, Унгарија и Романија.

Кај Бездан во последниве денови е забележан водостој од минус 120 сантиметри. Тоа е само 23 сантиметри над историскиот минимум од минус 143 сантиметри, забележан пред повеќе од сто години, во 1909 година. Кај Нови Сад, најнискиот водостој оваа сезона е забележан на 20 јули, кога нивото на Дунав било 44 сантиметри под референтната точка.
Хидролошката состојба низ цела Србија е неповолна, а особено на Дунав. Дејан Владиковиќ, хидролог, вели дека причина е дефицитот на врнежи во март, април и мај. Тој предупредува дека историски ниското ниво веќе во август би можело да доведе до рестрикции во водоснабдувањето во одделни делови на Србија.

Јавното претпријатие „Србијавода” презело мерки за чистење на најзагрозените делови од реката. Оттаму најавуваат дека вакво или малку потешко ниво може да се очекува во наредните 45 дена. Електростопанство на Србија (ЕПС) соопшти дека сушата и намалениот прилив на вода на Дунав неповолно влијаат врз работата на хидроцентралите Ѓердап 1 и Ѓердап 2.