Државата со нови чекори против зависноста од пушење: леков и зајакнати советувалишта за откажување од тутун

Министерството за здравство лансира координирани активности за јакнење на услугите за откажување од пушење, со фокус на младите

Министерството за здравство почна со координирани активности за јакнење на услугите за откажување од пушење, со посебен фокус на младата популација. За првпат, никотински фластери и гуми за џвакање се ставени на есенцијалната листа на лекови, а низ државата ќе се зајакнат локалните советувалишта за одвикнување од тутун. Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција соопшти дека Министерството ја ажурираше листата на лекови и во неа првпат се вклучени лекови за одвикнување од пушење и контрацептивни средства, конкретно трандермалните никотински фластери и никотинските гуми за џвакање.

Целта е да се зголеми достапноста на овие лекови, да бидат препознаени од јавноста и фармацевтските компании, а матичните лекари да ги препишуваат редовно.

Зајакнување на локалните советувалишта

Министерството, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, локалната самоуправа и здравствените домови низ земјата, ќе преземе чекори за поголема достапност на советувалишта за откажување од пушење.

– Почнуваме координирани активности за зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво. Целта е поголема достапност на советувалиштата, зајакнување на системот за упатување и континуирана поддршка, со посебен фокус на младата популација – рече Алиу.

Паралелно, работи се на системско зајакнување преку нов предлог-закон за заштита од употреба на производите од тутун и сродни производи. Регулативата е усогласена со европските норми и овозможува долгорочно унапредување на заштитата на јавното здравје.

– Продолжуваме со нашите партнери СЗО и Институтот за јавно здравје со заеднички заложби за подигнување на јавната свест за откажување од пушењето и заштита на здравјето во нашата држава – додаде министерот Алиу.

СЗО: откажувањето од тутун спасува живот

Д-р Аким Али од СЗО порача дека откажувањето од тутун спасува живот и се осврна на младата популација во Македонија и Европа, кои користат нетрадиционални производи што предизвикуваат зависност. Тој посочи дека тутунската индустрија еволуирала и ги „максира” производите за да им се доближи на младите.

– Предизвикот е што овие производи се особено привлечни за младите. Зад светлите бои, елегантното пакување и слатките вкусови лежи јасна намера да се нормализира употребата на никотин и да се создаде доживотна зависност кај младите. Забранувањето на вкусовите спасува животи – рече Али.

Статистика: 14 од 100 млади користат тутун

Претставникот на СЗО нагласи дека 14 од 100 млади луѓе во земјата користат тутун, а 9 проценти од нив користат е-цигари. Од последното истражување (2016), употребата на е-цигари се двојно зголемила.

Во Европа, младите се „најтешки пушачи” и имаат ризик, покрај нетрадиционалните, да почнат да користат и традиционални производи од тутун. СЗО и партнерите, вклучително и Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, ќе преземат активности бидејќи цената е превисока – земјата губи луѓе и дел од БДП за лекување на болести предизвикани од тутун. Повика да се забранат никотински производи со вкусови и да се спасат животи.

45,4% од возрасните се активни пушачи

Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, нагласи дека тутунот е водечки фактор за појава на незаразни заболувања и ја потенцираше потребата од подигање на свеста кај населението за последиците по здравјето.

Според истражувањето од 2023 година, во соработка со СЗО, ИЈЗ и Министерството за здравство, дури 45,4 проценти од возрасната популација се активни пушачи. Истражувањето во сите училишта кај деца до 16 години покажува висок процент, значително над европскиот и над регионалниот просек на СЗО, кој изнесува 25 проценти.

Загрижува и фактот што пушењето кај нас во голема мера се смета за општествено прифатлива појава, а само 17 проценти од граѓаните во Македонија изразуваат одобрување кон пушењето.

Здравствени и економски последици

Употребата на тутун е поврзана со кардиоваскуларни заболувања, хронично-белодробни заболувања, мозочен удар, малигни заболувања и промени во бременоста. Никотинот создава силна зависност, поради што многу луѓе тешко успеваат да се откажат.

Се зголемува товарот врз целиот здравствен систем, бидејќи огромен дел од ресурсите се насочуваат кон лекување на заболувања кои можат да се превенираат. Според проценките на СЗО за Македонија, употребата на тутун ја оптоварува државата со трошоци од околу 38 милијарди денари на годишно ниво.

– Секој денар вложен во превенција носи 19 денари поврат преку избегнати здравствени трошоци. Ваквите инвестиции имаат потенцијал да ја намалат смртноста и економската загуба, затоа превенцијата е најважна – рече Андоновска.

Зголемени активности во училиштата

Институтот за јавно здравје во овој период ги зголеми своите активности во однос на превентивните едукации во училиштата на оваа тема и ќе продолжат да работат на подигнување на јавната свест, следење на состојбите и поддршка на сите политики насочени кон намалување на употребата на тутун, заедно со Министерството за здравство, СЗО, сите релевантни институции и медиумите.

– Нашата цел е јасна: поздрава иднина за сегашните и за идните генерации – нагласи Андоновска.

Светскиот ден без тутун, годинава се одбележува под мотото: „Разоткривање на привлечноста, спротивставување на зависноста од никотин и од тутун”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс