Косовски државјанин кој шверцувал дрога пробил граница на Блаце, со колата влечел царински службеник

Косовскиот државјанин Р.Е. е лишен од слобода откако на граничниот премин Блаце, при царинска контрола, насилно и противзаконски ја преминал граничната линија со автомобил во кој криумчарел дрога, притоа доведувајќи го во опасност животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола.

Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, и „спречување службено лице во вршење службено дејствие”.

Инцидентот се случил на 15 јули, во вечерните часови, кога царинските службеници на Блаце го запреле за контрола сега приведениот Р.Е. Контролата ja вршеле двајца царински службеници, а лицето било повикано да го отвори багажникот на возилото за проверка. Штом осомничениот увидел дека еден од службениците ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, тој противзаконски влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре.

Веднаш била повикана граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресекла патот на осомничениот и тој бил лишен од слобода. Тој е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при Царинска управа, кое го презело случајот и по спроведени истражни дејствија поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје.

За време на бегството, осомничениот ја фрлил кесата со дрога, пронајдена подоцна во близина на местото на приведувањето. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за опојна дрога марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот било пронајдено и ладно оружје. Царинскиот службеник кој бил насилно повлечен при обидот да го спречи бегството се здоби со лесни телесни повреди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс