Најмалку шест лица загинаа во Мумбаи, откако обилните дождови предизвикаа уривање на неколку објекти во источните предградија на индиската метропола.
Според локалните власти, меѓу жртвите се пет деца и една жена. Несреќата се случила откако повеќекатни објекти се урнале како последица на силните врнежи што го зафатија градот.
Поплави, свлечишта и прекинат сообраќај
Дождовите предизвикаа и свлечишта, поради што беше затворен автопатот меѓу Мумбаи и Пуна. Тоа доведе до сериозни нарушувања во патниот сообраќај меѓу двата града.
Проблеми има и во авионскиот и меѓуградскиот железнички транспорт, вклучително и на линиите што ги поврзуваат Мумбаи и Пуна.
Во градот се поплавени повеќе делови, а училиштата и универзитетите денеска нема да одржуваат настава.
Се очекуваат нови врнежи
Локалните медиуми јавуваат дека најмалку уште три лица загинале во изминатиот период откако врз нив паднале дрвја, како последица на невремето што го зафати регионот.
Според Индискиот метеоролошки институт, во делови од регионот и денеска се очекуваат слаби до умерени врнежи од дожд.