Во време кога менталното здравје е постојано присутно во јавниот дискурс, прашањето не е дали знаеме повеќе, туку дали разбираме подобро. Социјалните мрежи ја отворија темата, но истовремено создадоа и нов шум: скратени објаснувања, извадени контексти и „брзи“ психолошки совети што често носат повеќе конфузија отколку јасност.
Во разговор со психологот, психотерапевт и Гешталт терапевтм-р Дора Попова Узуновски, отвораме теми што ретко се обработуваат без поедноставување: од несвесните обрасци во интимниот живот, преку историското потиснување на женската сексуалност, до кризата на современата машкост и комплексната динамика на семејното насилство.
Ова не е текст со брзи одговори. Ова е текст што бара да се чита внимателно, затоа што, како што вели Попова Узуновски, човекот денес можеби е информиран, но често и длабоко збунет.

Трн: Како психолог, кое е твоето миселње, дали денешниот човек е повеќе информиран или повеќе изгубен кога станува збор за менталното здравје?
Дора: Лично сметам дека денешниот човек е информиран со многу погрешни информации за менталното здравје. И затоа кај луѓето постои конфузија и збунетост во врска со тоа што е исправно, а што не. Менталното здравје во модерното време е цела индустрија, нешто што никогаш не било случај порано во историјата на здравјето, општо. Хаосот се случува прво поради тоа што психолошките појави и состојби никогаш не може да се објаснат и опишат од позиција на само еден аспект. Аспектите се многубројни и нивните фактори влијаат едни врз други. А можноста да се објаснат појавите од сите аспекти на социјалните мрежи е многу мала и ограничена. На пример имате време од 90 секунди да кажете нешто на еден рил. Може да посочите неколку key points, но не можете да ја објасните цела појава. И така, работите се вадат од контекст и луѓето ги разбираат на некој свој начин како што ги разбираат. Тоа не е нужно негативно, може да содржи корисна информација, но пожелно е секоја информација да биде проверена од неколку страни.
Трн: Во последните објави често се фокусираш на интимниот живот. Кои се најчестите несвесни обрасци што луѓето ги носат во тој дел од себе?
Дора: Тешко е да направиме едноставна генерализација за тоа кои се најчестите несвесни обрасци. Врз интимниот живот на луѓето влијаат неколку главни фактори. Општествен контекст, воспитување и развој, биологија на телото и на крај самата личност како ќе ја интерпретира во себе оваа целина. Сепак срамот и стравот од осуда во уживањето би го издвоила како најзначаен феномен барем кај женската популација. Жените се уште чувствуваат стегнато за време на сексуалниот однос поради страв дека ако се опушти максимално, од нив ќе излезе нешто што ќе личи на неморално. Но, вистината е дека сексуалниот нагон е таков каков што е природен и нормален. Тоа што изгледа како “неморалното“ е всушност многу нормалното. Токму поради таа цел во моментов лансирам програм на тема: Како до повисоко либидо? Целта е да се нормализира сексуалното искуство, луѓето да ги освестат своите обрасци на блокирање, да се ослободат од нив и свесно да креираат исполнет сексуален живот со своите партнери.
Трн: Како историското потиснување на женската сексуалност се одразува денес?
Дора: Се плашам дека денес постои реактивен одговор на оваа појава. Како резултат на долгото потиснување, постои револт кој се појавува во форма на бунт. Бунтот може да се манифестира во нешто што личи на слобода, а не е. Некоја жена може да експереимнтира со повеќе партнери за да си ја докаже слободата и посакуваноста, но на крајот да се чувствува повредено, празно и сосема незадоволно, а најмалку слободно во себе. Потребно е жените повеќе да научат да бидат во контакт со телото и потребите, за да можат да донесат свесни одлуки за себе кои нема да бидат во нивна штета, туку во нивна полза.
Трн: Дали позицијата на жената денес е навистина избор – или сè уште е производ на потребите на системот?
Дора: Комплексно прашање со комплексен одговор. Факт е дека на системот му е потребна одредена улога на жената за да може тој да опстојува. Без жената системот не може да опстои. Поради тоа низ вековите се креирани разни политики во секое општество кога била во прашање позицијата на жената. Но, денес вистината е дека постои многу поголема слобода во однос на изборите, иако се уште постојат системски нерегуларности кога се прашање некои права на жените, како што е на пример правото на породилно отсуство. Сепак индивидуалните искуства на жените за својата позиција се нијансирани. Постојат жени што се уште се доживуваат дискриминирани во рамки на општеството, но постојат жени кои воопшто немаат такво доживување за себе и имаат чувство на исполнетост и слобода. Сето ова зависи од многу фактори. Прво, самата личност на жената како се справува и како ги доживува работите во животот, потоа колку има поддршка од семејството, припадноста на класата, финансиската состојба итн.
Трн: Кој е најголемиот мит за женската сексуалност што сè уште опстојува?
Дора: Тоа дека постојат два оргазми. Клиторичен и вагинален. Оргазмот кај жената е еден и центарот во мозокот за оргазам е еден. Може да се стимулираат само различни патишта до него. Тоа зависи од анатомијата на вагината на пример, и кои нервни завршетоци ќе бидат стимулирани долж клиторисот кој се протега не само однадвор, туку и внатре во вагината.
Трн: Што најмногу нè спречува да бидеме слободни?
Дора: Мораме прво да разбереме што е навистина слобода во сексуалниот живот, бидејќи слободата честопати во овој контекст се сфаќа погрешно. Слобода не значи недостаток на лични граници, ниту пак значи промискуитет. Слободата во сексуалниот живот единствено се однесува на тоа личноста да се чувствува комотно во своето тело и во изразот на своите доживувања на пример кога е со својот партнер. Но, некој може да има партнер, а може и да нема партнер. Личното доживување за себе не нужно е врзано со присуството на партнер.
Трн: Како ја гледаш современата машкост, дали мажите денес се изгубени помеѓу очекувањата и реалноста?
Дора: Не би рекла дека мажите се изгубени. Би рекла дека конструктот што бил културолошки дефиниран како машкост со векови наназад, денес доживува криза. Мажите се соочуваат со проблем во сликата за себе во моментов. Била потребна ранливоста и беспомошноста кај жените за да може да се дефинира машкоста. Но, сега кога ранливоста кај жените се трансформира во способност и сила, машкоста како да го губи начинот на којшто би се изразила. Нема објект за заштита, спасување, чување, водење итн. Се разбира дека на жените се уште им се потребни тие машки особини, но не од аспект да одлучуваат за нив, туку од аспект на соработка, поддршка и споделување.Жените гласно ги бараат. Сепак, мислам дека не чекаат уште долги децении работа за реформирање на машкиот идентитет, но и за позицијата во партнерските релации.

Трн: Она што не потресе последниот период се низа случаи на семејно насилство. Во овој контекст и според твоето искуство, што најчесто ги спречува луѓето да излезат од насилен однос и каде е тука улогата на општеството, системот, психологот?
Дора: Кога зборуваме за семејното насилство мораме да правиме разлика во однос на тоа од кој аспект ја толкуваме ситуацијата. Од психодинамичка гледна точка, оваа релација е многу комплексна и не е така црно-бела како што најчесто се прикажува во јавните, популарни активистички наративи. Секој случај на семејно насилство е специфична приказна за себе и не може да се споредува со друг случај. Психопатологијата е спектар. Тоа значи дека се зависи од тоа во какви околности се наоѓа самата жртва, и каква е структурата на нејзината личност. Тоа што одредува дали и колку долго жртвата ќе остане во релацијата зависи од поддршката од семејството, финансиите, но исто така зависи и од тоа колку е сочуван здравиот дел во неа. Насилството често се среќава во взаемни релации на Кластер Б пореметувањата(овде спаѓаат нарцисоидно пореметување, гранично растројство и антисоцијално растројство). На пример жртвата може да биде со гранично растројство и да привлекува партнер со нарциосидно или антисоцијално пореметување. Взаемната привлечност во вакви врски е магнетна, патолошка и не е случајна. Насилството, драмата, бркотниците се на некој начин она што ја одржува врската. Жртвата дури и да излезе од таква релација, за жал ако не го обработи својот патерн, многу е веројатно дека со следниот партнер повторно ќе биде во слична патологија. Се разбира, не секое семејно насилство е од ваква природа. Некогаш е ситуациско насилството и може да се случи како резултат на ескалација на конфликт. Тоа не е оправдување, но е објаснување. Насилството може и да биде поради верување дека така треба да се “дисциплинира“, и дека на тој начин насилникот ја одржува својата моќ за контрола на жртвата. Во таков случај, стравот е најмногу тој што е пресуден за жртвата да остане долго во релацијата. Каква и да е динамиката, од законски и морален аспект насилството не смее да помине неказниво. Но и не смее да се занемари точната психолошка причина за одржувањето. Тоа ја дијагностицира сликата и го одредува правилниот психолошки треман за жртвата, но и за сторителот на делото, со цел да не го повтори повторно.
Трн: Улогата на социјалине мрежи постојано се проблематизира, дало според тебе тие ја банализираат психологијата или ја прават подостапна?
Дора: Улогата на социјалните мрежи во психологијата е повеќеслојна. Од една страна вистина е дека социјалните мрежи помагаат психологијата и свесноста за менталното здравје да бидат подостапни. Низ годините, барем од ковид пандемијата наваму, сигурно бележиме раст на свесноста која е навистина зголемена и кај младите, но и кај постарите генерации. Луѓето се повеќе се заинтересирани за психологијата. Читаат и се едуцираат на различни теми, зависно од нивните потреби. Но, од друга страна постои и една појава кадешто често можеби се полемизираат разни ситуации кои не нужно се секогаш толку важни. Кога претерано се фокусираме на одредена појава во сите нејзини детали и ситници, постои можност и за заглавување во истата, наместо изнаоѓање на решение. Потребно е да знаеме да селектираме што е корисно, а што не е. И како што веќе напоментав погоре, важно е секогаш да проверуваме извори од повеќе страни. Ова важи особено за лаиците кои немаат стручно знаење за одредена тема.