Иран: Нема ништо од договор, бараме 300 милијарди долари оштета

Најголемо внимание привлекува барањето САД и нивните сојузници да подготват план за реконструкција на Иран вреден најмалку 300 милијарди долари

Властите во Техеран ја отфрлуваат можноста за брз договор со Вашингтон, пишуваат иранските медиуми.

Истовремено, демантирани се и информациите дека меморандум за запирање на конфликтот би можел да биде потпишан во Женева веќе во наредните денови.

„Конечната одлука сè уште не е донесена. Надлежните тела мора да ја завршат расправата за секој детал од текстот и за секој можен договор“, објавија иранските медиуми.

Демантот следува откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите се практично завршени и дека клучните точки веќе биле усогласени.

„Иран лаже, не се договоривме така“

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го нападна Техеран, обвинувајќи ги иранските власти дека пласираат неточни информации за условите од евентуалниот договор со САД.

Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп тврдеше дека верзијата на договорот што се појавила во медиумите нема никаква врска со она што било договорено зад затворени врати.

„Условите што Иран им ги доставил на лажните вести немаат никаква врска со она што било договорено писмено. Она што го кажаа, вклучително и нивното слабо и патетичко соопштение дека постигнале договор, нема никаква врска со вистината“, напиша Трамп.

Тој дополнително ги обвини иранските претставници за нечесно однесување и порача дека со нив е тешко да се водат преговори во добра волја.

„Ова се многу нечесни луѓе. Не можете да работите со нив со добра намера. Неверојатно!“, додаде американскиот претседател.

„300 милијарди долари за обнова“

Паралелно со демантот, иранската агенција „Мехр“ објави детали од работна верзија на меморандум кој содржи 14 точки и ги открива условите под кои Техеран би бил подготвен да постигне договор.

Најголемо внимание привлекува барањето САД и нивните сојузници да подготват план за реконструкција на Иран вреден најмалку 300 милијарди долари.

Покрај тоа, Иран бара и одмрзнување на 24 милијарди долари ирански средства што се наоѓаат во странство. Според нацртот, половина од тие средства треба да му бидат ставени на располагање на Техеран уште пред официјалниот почеток на преговорите.

Повлекување од Ормуз за целосна контрола

Во документот се наведува и барање за целосно повлекување на американските сили од областите околу Иран, како и укинување на поморската блокада во рок од 30 дена.

Техеран бара и повторно отворање на Ормускиот Теснец, но под услов пловидбата да се одвива според ирански правила и под иранска контрола.

Меѓу клучните точки се и траен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и обврска на САД да не се мешаат во внатрешните работи на Иран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс