Патувате во Словенија? Од полноќ голема промена на границата со Хрватска

Министерот за внатрешни работи на Словенија, Франци Матоз, изјави дека укинувањето на контролите нема да влијае негативно врз безбедноста на државата

Словенечката полиција од полноќ ќе се повлече од граничните премини кон Хрватска и Унгарија, откако Владата на Словенија донесе одлука за укинување на привремениот надзор на овие граници, кој беше во сила од октомври 2023 година. Вршителот на должноста генерален директор на словенечката полиција, Данијел Лорбек, соопшти дека полицајците ќе ги напуштат граничните премини веднаш по полноќ, ќе ја отстранат сообраќајната сигнализација поврзана со контролите и ќе овозможат непречено преминување на државната граница.

По завршувањето на активностите, полициските службеници ќе се вратат во своите матични единици.

Министерот за внатрешни работи на Словенија, Франци Матоз, изјави дека укинувањето на контролите нема да влијае негативно врз безбедноста на државата. Наместо досегашните контроли на граничните премини со Хрватска и Унгарија, словенечките власти ќе применуваат таканаречени компензаторни мерки долж државната граница и во внатрешноста на земјата.

Според Лорбек, враќањето на полицајците во редовните единици ќе овозможи поголем број службеници да бидат ангажирани на други безбедносни задачи, меѓу кои и спроведувањето на новиот европски Пакт за миграција и азил.

„На овој начин дополнително ќе ги зајакнеме мерките, наместо да се фокусираме на контролите на граничните премини, каде што не беа забележани значајни резултати ниту поголеми проблеми“, изјави Лорбек.

Тој додаде дека бројот на нелегални преминувања на границата оваа година е зголемен за повеќе од 60 проценти, поради што словенечката полиција ќе продолжи со засилени проверки и патроли, но без класични гранични контроли на премините. Одлуката значи дека патниците кои патуваат меѓу Словенија и Хрватска повторно ќе можат да ја преминуваат границата без редовни проверки на самите гранични премини, иако можни остануваат повремени полициски контроли во пограничните подрачја и во внатрешноста на Словенија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс