ОН предупредува: Дополнителни 7,3 милиони луѓе можат да останат без храна поради војните

Судирите на Блискиот Исток и во Украина го поскапуваат поморскиот транспорт и ги зголемуваат трошоците на Светската програма за храна за 727 милиони долари.
Фото: Prod Shutter

Војните на Блискиот Исток и во Украина можат до средината на 2027 година да ги зголемат оперативните трошоци на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП) за 727 милиони долари. Поради поскапениот превоз на стоки и блокадите на поморските патишта, дополнителни 7,3 милиони луѓе во светот се соочуваат со ризик да останат без неопходната помош во храна, предупреди извршниот директор на агенцијата Лук Линдберг пред Советот за безбедност на ОН.

Војните на Блискиот Исток и во Украина можат до средината на 2027 година да ги зголемат оперативните трошоци на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП) за 727 милиони долари. Поради поскапениот превоз на стоки и блокадите на поморските патишта, дополнителни 7,3 милиони луѓе во светот се соочуваат со ризик да останат без неопходната помош во храна, предупреди извршниот директор на агенцијата Лук Линдберг пред Советот за безбедност на ОН.

Линдберг, кого американскиот претседател Доналд Трамп го именуваше во септември на чело на оваа хуманитарна агенција, посочи дека воените дејствија сериозно го отежнуваат поморскиот сообраќај на најважните светски пловни рути. Посебни ограничувања во извозот на храна и земјоделски суровини се бележат низ Ормутскиот Теснец, теснецот Баб ел-Мандеб и во Црното Море. Состојбата дополнително ја влошуваат климатските нарушувања, меѓу кои и феноменот Ел Нињо.

„Станува збор за незамисливо сценарио и тешко е да се замисли полош момент за негова појава“, изјави Линдберг, кој претходно извршуваше функција во американската администрација задолжена за земјоделство.

Според податоците што ги изнесе првиот човек на ВФП, 266 милиони луѓе ширум светот веќе живеат во услови на акутна глад. Најкритична е состојбата во делови од Судан, Јужен Судан и Сомалија, каде што постои директна закана од масовно гладување.

Линдберг оцени дека решавањето на проблемите во црноморскиот регион е приоритет, бидејќи ова подрачје претставува една од најважните светски житници. Житарките од Црното Море се основа за снабдување на држави како Сомалија и Јемен, кој дури 90 отсто од потребната храна ја обезбедува преку увоз.

Индексот на цените на храната на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) во септември го достигна речиси највисокото ниво во последните четири години. Од почетокот на годината, цената на пченицата бележи раст од речиси 10 отсто, а дополнителен притисок врз крајната цена на прехранбените производи создаваат повисоките трошоци за енергија и транспорт.

Ваквите движења најтешко ги погодуваат земјите зависни од увоз и државите со нарушени синџири на снабдување. Покрај актуелните поскапувања, приносите на земјоделските култури во следната сезона можат да бидат помали поради ограничената глобална понуда на вештачки ѓубрива, со оглед на тоа што дури 30 отсто од светскиот транспорт на ѓубрива поминува низ Ормутскиот Теснец.

Светската програма за храна секоја година обезбедува помош за повеќе од 100 милиони луѓе во 83 држави. Растот на цените на стоките и поморскиот превоз директно ги крати расположливите средства на агенцијата за теренски операции.


„И покрај обемот и софистицираноста на нашите операции во синџирот на снабдување, не можеме да ја избегнеме нестабилноста што неизбежно ја носат повисоките трошоци за превоз и стоки. Тоа директно ги намалува средствата за операциите на Светската програма за храна, што значи помалку храна за семејствата на кои им е потребна помош“, рече Линдберг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс