Ни кажаа дека во Скопје има место каде се излегува за да се готви во кујна

Во Везден гостите сами готват, а вечерите се тематски: од италијанска до јапонска и мексиканска кујна.

„Ни кажаа дека во Скопје се отворило место каде што луѓето излегуваат за да готват во кујна.“ Со оваа реченица Катерина Динева и Трн тргнаа да проверат дали приказната е вистинита.

Одговорот е да. „Везден“ е кујна во која гостите не седат и не чекаат нарачка, туку сами готват.

Сопственичката и менаџерка Сандра Трајковска објаснува дека храната за неа е повод за разговор, смеа и дружба. Идејата била да се создаде место каде што младите можат да дојдат, да готват, да дегустираат и да поминат квалитетно време заедно. Според неа, на Скопје му недостигал концепт на излегување поинаков од класичниот ресторан или дискотека.

„Првин се избира дестинација, а потоа се фаќаме за готвење. Вечерите се тематски: италијанска, шпанска, јапонска, мексиканска. Секоја вечер има свое мени и своја приказна. Целта не е гостите само да научат рецепт, туку да го доживеат целото место.” – Сандра го опишува тоа како гастрономско патување без да излеземе надвор од Скопје.

Везден работи година и пол. Тој е најмладиот во семејство со два постари ресторани за настани и прослави, Везилка и Дениција, кои работат повеќе од десет години.

Што се случува кога едно друштво готви заедно

Главната готвачка Сања Даневска вели дека на почетокот гостите се малку вкочанети. Првите пет-шест минути се гледаат и се прилагодуваат, но потоа настанува дружење и атмосферата се менува.

Таа раскажува дека на една јапонска вечер, кога се правело суши, гостите дошле облечени во кимоно. Тоа ги изненадило и самите домаќини.


Заклучокот е дека ова е алтернатива за ноќно излегување, во која готвењето е повод, а дружбата е главниот дел од вечерта. Епизодата завршува со познатата порака: „Ни кажаа. Проверивме.“ Следниот пат кога ќе размислувате каде да излезете, може да отидете во кујна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс