Пребарувањето со АИ на Google ќе се поврзува и со Wallet и Drive за да ви дава лични одговори

Функцијата Personal Intelligence во AI Mode се шири и кон апликацијата Gemini, а пристапот до личните податоци останува целосно доброволен.

Компанијата Google објави проширување на функцијата Personal Intelligence во рамките на AI Mode во својот пребарувач, овозможувајќи интеграција со Google Drive, Google Wallet и апликацијата Gemini. Новата опција им дава можност на корисниците да добиваат персонализирани одговори преку поврзување со податоците од нивните дигитални апликации. Овој потег ја засилува улогата на вештачката интелигенција во секојдневното планирање и управување со личните финансии и документи.

Со поврзување на дигиталниот паричник Google Wallet со системот Personal Intelligence, корисниците можат да ги следат своите финансиски цели и да ги намалат секојдневните трошоци. Алатката исто така помага во подобро искористување на поволностите и наградите од кредитните картички.

Од технолошкиот гигант нагласуваат дека вештачката интелигенција има исклучиво дозвола за читање на информациите од сметките. Системот нема можност да префрла пари или директно да управува со средствата на корисниците.

Податоците поврзани со поголеми проекти или важни одлуки често се расфрлани низ различни документи и табеларни пресметки. Преку поврзување на Google Drive, AI Mode може директно да ги пребарува и анализира тие фајлови за да понуди конкретни решенија, како што е изработка на прилагоден план за даночната сезона.

Функцијата Personal Intelligence веќе поддржува поврзување со Gmail, Google Calendar и Google Photos. Новите интеграции го заокружуваат пристапот на вештачката интелигенција до клучните сервиси во екосистемот на Google.

Корисниците добиваат можност да споделуваат контекст меѓу апликацијата Gemini и AI Mode во пребарувачот. Ако одредена тема или идеја се истражува во апликацијата, пребарувачот веќе ќе ги поседува тие информации, со што се избегнува потребата од повторно објаснување од почеток.


Во рамките на ова ажурирање, Google воведува и порелевантни одговори во AI Overviews и AI Mode, кои ќе се прилагодуваат според неодамнешниот контекст на пребарување на корисникот. Поврзувањето на апликациите останува опционално и може да се вклучи или исклучи во секое време. Наскоро под самите одговори ќе се појави и нова икона „Personalization“, преку која корисниците ќе имаат увид кои точно податоци ги искористила вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс