10 отсто од новите згради ќе бидат станови за млади со 20 отсто попуст

Инвеститорите ќе мора да издвојат најмалку 10 проценти од новите згради со попуст од 20 проценти, а законските правила сè уште се подготвуваат.

Градежните компании при изградба на нови станбени објекти ќе имаат обврска однапред да издвојат најмалку 10 проценти од станбената површина за млади брачни двојки до 35-годишна возраст. Овие станови, според најавата на Владата, ќе се продаваат по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната, додека за младите што градат сопствена куќа се предвидува целосно ослободување од комунални такси. Мерката е во фаза на законска подготовка и допрва треба да ги дефинира правилата за распределба и контрола.

Според најавениот модел, секој инвеститор кој во иднина ќе гради објект за домување ќе мора однапред да определи најмалку 10 проценти од вкупната станбена површина за млади брачни парови до 35 години. Компаниите што нема да ја вклучат оваа обврска во проектите нема да можат да добијат одобрение за градба.

Од владата најавуваат дека цената на овие станови мора да биде минимум 20 проценти пониска од просечната цена во конкретната катастарска општина за претходната календарска година. Просекот ќе се утврдува врз основа на реално склучените купопродажни договори, а не според цените што се бараат во огласите. Покрај попустот, се најавува и воведување горен праг на цената, како и целосно ослободување од комуналии за младите брачни парови кои се одлучуваат да градат сопствена куќа.

Мерката засега е на ниво на најава, бидејќи законското решение допрва треба да се изготви и да се најде пред пратениците. Од Владата соопштија дека се подготвуваат конкретните законски одредби со кои ќе се уреди проектот, но без да прецизираат рокови за стапување во сила.

Градежниот сектор очекува средби со надлежните институции за да се дефинираат условите за спроведување. Во оваа фаза не се објавени критериумите според кои ќе се избираат купувачите, начинот на распределба на становите во атрактивните општини, ниту механизмите преку кои државата ќе ги контролира продажните цени и евентуалната препродажба на повластените станови.


Најавата за државна интервенција доаѓа во услови на континуиран раст на цените на недвижностите. Податоците на Народната банка покажуваат дека во третиот квартал од 2026 година огласените цени на становите во Скопје се зголемиле за 10,3 проценти на годишно ниво во споредба со истиот период во 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс