Од 1 октомври граѓаните ќе можат преку матичен лекар да дадат согласност за донирање органи по смртта

Новиот модул за давање изјава за органодарителство во системот „Мој термин“ е веќе развиен и ќе почне да функционира од 1 октомври 2026 година, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Со ова, секој полнолетен граѓанин при посета на матичен лекар ќе може јасно да се изјасни дали се согласува или не се согласува по смртта да биде дарител на органи и ткива.

Одлуката ќе може да се промени во секое време

Пред да се даде изјавата, матичниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, правните последици и можноста таа да биде променета во секое време.

Изјавата ќе се потпишува лично од граѓанинот, ќе се заверува од лекарот и ќе се архивира во ПДФ формат. Како скениран документ, таа ќе се внесува во Националната листа во рамките на националниот електронски систем.

Во системот ќе бидат запишани основните податоци, датумот на изјавата, матичниот лекар и јасниот статус — дали е дадена согласност или не.

„Граѓанинот во секое време може да ја промени својата одлука со нова изјава кај матичниот лекар. Важечка одлука секогаш ќе биде последната евидентирана изјава во системот“, изјави Алиу.

Пристапот до податоците ќе биде ограничен

Според министерот, пристапот до овие податоци ќе биде строго ограничен, контролиран и евидентиран.

Секој увид во системот ќе остава трага и ќе биде дозволен само за точно утврдени овластени лица, според прецизни процедури.

Законот беше усвоен на 29 јуни

На 29 јуни Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување.

Законот беше донесен по скратена постапка, со 58 гласа „за“ и шест „против“.

Со неговото усвојување, според надлежните, се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс