„Длабок простор“: Нова поетска книга од Зоран Анчевски

Десеттата поетска збирка на еден од најзначајните современи македонски поети ќе биде промовирана на 16 јуни во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Новата поетска збирка „Длабок простор“ од Зоран Анчевски ќе биде промовирана на 16 јуни, вторник, со почеток во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а промоторки на настанот ќе бидат Лидија Капушевска Дракулевска, Биљана Стојановска и Оливера Ќорвезироска.

„Длабок простор“ е десетта поетска збирка на Анчевски. Таа продолжува таму каде што завршуваат неговите претходни книги, но истовремено отвора нови поетски патишта и предели во кои песната скршнува, понира и повторно се враќа попрецизна, побогата и подлабока.

Згуснатата лирика на Анчевски, препознатлива по својата гномска ориентација и стремежот кон совршенство на поетскиот израз, во оваа книга е обликувана низ строго осмислен и доследно реализиран концепт.

Збирката е составена од пролог, пет циклуси и кода – завршна песна што ја заокружува книгата како своевидна програмска песна за песната, онаква каква што ја подразбира и создава Анчевски.

„Длабок простор“ е втора книга на Анчевски објавена во издание на „Арс Ламина“, по наградуваната поема „Коњски житија“, која во 2023 година ја доби престижната награда „Григор Прличев“.

Зоран Анчевски е поет, есеист, книжевен преведувач и универзитетски професор. Дипломирал и докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што работел како професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Член е на Македонскиот ПЕН центар, чиј претседател бил во минатото, како и на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на повеќе значајни поетски книги, меѓу кои „Патување низ скршени слики“, „Стратегија на поразот“, „Линија на отпорот“, „Превод на мртвите“, „Див мир“, „Небесна пантомима“, „Збунети компаси“ и „Коњски житија“.

За своето творештво Анчевски е добитник на повеќе престижни признанија, меѓу кои наградата за поема „Григор Прличев“, наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија и двократно наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Поетската збирка „Длабок простор“ е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку „Литература.мк“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс