Џез од Њујорк вечерва во Скопје: Dan Pugach со Националниот џез оркестар

Националниот џез оркестар ја отвора новата концертна сезона со Grammy-наградуваниот тапанар, композитор и аранжер Dan Pugach, кој во Скопје пристигнува со Nicole Zuraitis и Jonathan Saraga.

Њујоршката џез-сцена вечерва се сели во Скопје. Националниот џез оркестар ја отвора новата концертна сезона во Националната опера и балет со ексклузивен концерт на кој ќе настапи Dan Pugach, еден од позначајните автори, аранжери и тапанари на современата њујоршка џез-сцена.

Pugach во Скопје пристигнува со двајца врвни музичари од њујоршката сцена – вокалистката, пијанистка и аранжерка Nicole Zuraitis и трубачот и композитор Jonathan Saraga. Заедно со Националниот џез оркестар, под диригентската палка на Џијан Емин, ќе го донесат звукот и енергијата на современиот американски биг-бенд пред македонската публика.

Двајца Grammy-наградувани музичари

Dan Pugach во 2025 година ја освои престижната Grammy награда во категоријата Best Large Jazz Ensemble Album за „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“. Признанието дополнително го потврди неговото место на современата биг-бенд сцена, каде што е активен како тапанар, композитор и аранжер.

Со него во Скопје доаѓа и неговата долгогодишна соработничка Nicole Zuraitis, која во 2024 година освои Grammy за Best Jazz Vocal Album за албумот „How Love Begins“. Покрај вокалот, Zuraitis е активна и како пијанистка и аранжерка.

Третиот гостин, Jonathan Saraga, е трубач и композитор кој има соработувано со голем број познати американски џез-ансамбли. Меѓу нив се Maria Schneider Jazz Orchestra, Mingus Big Band, Miguel Zenón Big Band, Afro-Latin Jazz Orchestra и John Pizzarelli Big Band.

Вечерашниот концерт ќе биде средба меѓу македонската и њујоршката биг-бенд традиција, со Националниот џез оркестар во центарот на музичката приказна. Под водство на Џијан Емин, ансамблот заедно со Pugach, Zuraitis и Saraga ќе ја отвори новата концертна сезона со програма инспирирана од актуелниот звук на њујоршката џез-сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс