Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј Ди Венс, утрово пристигна во Швајцарија на разговори со Иран, соопшти неговиот портпарол. Џеј Ди Венс и неговата сопруга слетале во 5:59 часот по локално време во воената база Емен, во близина на Луцерн, пренесува швајцарскиот јавен сервис РТС.
Тој во сабота полетал од Вашингтон кон Швајцарија, во пресрет на разговорите со Иран кои треба да започнат денес. Потпретседателот на САД ќе им се придружи на специјалниот пратеник Стив Виткоф и на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кои веќе се наоѓаат во Швајцарија.
Портпаролот на Доналд Трамп соопшти дека американската делегација пристигнала за да учествува во клучните разговори. Според информациите, техничките делегации на САД и Иран, како и посредници од Катар и Пакистан, веќе од петок се во Швајцарија и работат на подготовка на средбата меѓу највисоките претставници.
Џеј Ди Венс изјави дека приоритетите на американската делегација се: воспоставување рамка за преговори, напредок околу иранската нуклеарна програма и обид за договор за примирје во Либан.
Тој нагласи дека разговорите би можеле да траат неколку дена.
„На највисоко политичко ниво ќе бидат вклучени лидерите, додека техничките тимови ќе продолжат со работа на терен“, изјави Венс пред патувањето.
Иранската делегација веќе пристигнала во Цирих, јавија иранските државни медиуми. Делегацијата ја предводи главниот ирански преговарач Мохамед Багер Калибаф.
Венс истакна дека САД очекуваат напредок во управувањето со иранскиот нуклеарен материјал, како и дека еден од клучните приоритети е стабилизација на состојбата во Либан, кој повторно е изложен на ракетни напади.
„Ова се двете главни теми на кои ќе се фокусираме. Сигурен сум дека и Иранците ќе имаат прашања“, изјави Венс.
Според швајцарскиот јавен сервис, техничките тимови веќе разговараат за подготовка на агендата, а присутни се и посредници од Катар и Пакистан. Разговорите доаѓаат во момент на зголемени тензии на Блискиот Исток и обиди за постигнување нов дипломатски договор околу иранската нуклеарна програма и регионалната безбедност.