Возачите во Македонија од вторник би можеле да точат значително поевтино гориво, откако Владата ја продолжи мерката за намалени акцизи на нафтените деривати, а дополнително останува во сила и попустот од 2 денари по литар што го обезбедува „ОКТА“. Според владините пресметки, дизелот би можел да поевтини за околу 6,5 денари по литар, а бензините за 1,5 денар.
Конечната одлука за новите малопродажни цени треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во понеделник, но доколку прогнозите се остварат, цената на дизелот повторно би можела да се спушти под психолошката граница од 90 денари за литар. Од Владата велат дека мерките се насочени кон заштита на стандардот на граѓаните и намалување на трошоците за компаниите, транспортниот сектор и земјоделците.
– Со продолженото намалување на акцизите и договорот со најголемиот домашен снабдувач на нафтени деривати, „ОКТА“, очекуваме цената на дизел-горивото да се намали за 6,5 денари по литар, додека бензините да поевтинат за 1,5 денар. Ова е конкретна поддршка за граѓаните и стопанството – соопштија од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата успеала да обезбеди стабилно снабдување со горива и покрај значително зголемената побарувачка во изминатите месеци.
– Имаше денови кога потрошувачката на бензинските пумпи беше зголемена и до 50 проценти во споредба со вообичаеното. Сепак, граѓаните во ниту еден момент не почувствуваа недостиг на гориво. Очекуваме од понеделник да бидеме земја со убедливо најниски цени на горивата во регионот – изјави Мицкоски.
Во моментов, литар еуродизел се продава по цена од 92 денари, еуросупер БС-95 чини 87,5 денари, додека БС-98 се продава за 89,5 денари. Доколку најавеното намалување биде потврдено од РКЕ, дизелот би можел да достигне цена од околу 85,5 денари за литар.
Во исто време, европските пазари се соочуваат со спротивен тренд. Според податоците на „Евростат“, цените на горивата во Европската Унија во април пораснале за 20,8 проценти на годишно ниво. Дизелот поскапел за 33,7 проценти, а бензинот за 13,6 проценти, при што најголеми зголемувања се регистрирани во Луксембург, Франција и Шведска.